Ќебапите од зеленчук се многу едноставни за подготовка, а вкусот им е неверојатен. Првиот пат кога ги направив планирав да бидат прилог на главното јадење, но толку многу им се допаднаа на сите, што оттогаш ги правам како главно јадење.
Ќебапите се едно од најпознатите јадења во регионот, а се приготвуваат од мелено месо кое се зачинува и се остава да зрее. Но, иако ќебапите од овој рецепт се приготвени од зеленчук, нималку не заостануваат по вкусот зад оригиналните.
Измешајте тиквички, компир, морков и кромид, па ќе направите комбинација од која ќе направите вкусни ќебапи на кои ниту љубителите на месо не ќе можат да им одолеат. Ова едноставно јадење е одличен предлог за ручек, а можете да го послужите со салата или некој сос. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 големи тиквички (или 3 средни), 2 моркови, 2 компири, млад кромид, 2 јајца,4 супени лажици гриз, 1 чешне лук. Ако се млади тиквичките само измијте ги и отстранете ги краевите, а ако се постари, извадете им го семето и излупете ги.
ПОСТАПКА: Тиквичките изрендајте ги на крупната страна од рендето, посолете ги и оставете ги 10-тина минути да го ослободат сокот. Компирот исто така изрендајте го и ставете го во друг сад.
Исто така оставете го 5-10-тина минути. Морковот само изрендајте го, а младото кромитче исечкајте го што поситно. Потоа тиквичките добро истискајте ги низ раце, да излезе што повоќе сок од нив, па префрлете ги во некој подлабок сад.
Од компирите истурете ја водата, па исто како и тиквичките, истискате ги низ раце за да бидат што посуви. Додајте ги кај исцедените тиквички. Потоа додајте ги ренданите моркови, сечканиот кромид, гриз, јајцата, лукчето и лук во прав.
Добро соединете. Посолете и запиперете по вкус, па повторно промешајте за да се распоредат зачините рамномерно насекаде. Оставете ја смесата да отстои 15 минути. Потоа со раце обликувајте ги ќебапите. Кога ќе ја црпнете смесата, малку стиснете со дланките за да излезе вишокот течност што зеленчукот дополнително ја испуштил.
Може да обликувате и форми по ваш избор, да се послужите со различни модли, но ние ги правиме како ќебапи. Загрејте малку масло во тава на умерена температура, па испржете ги ќебапите по малку од сите страни, колку да заруменат. Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салфетка за да се впие вишокот маснотија.
Потоа наредете ги во плех обложен со хартија за печење, или пак, во огноотпорен сад и ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени, приближно половина час, за убаво да се зготви сиот зеленчук. Видеопрезентацијата од постапката погледнете ја ОВДЕ.