Рецепт и видео презентација на Силвана од “Кујната на Силвана” – Чоколадни целувки, ненадминати ситни колачи, ќе ги изедете во еден залак. Постапката е навистина лесна и едноставна: се меша брашното со ситно рендано чоколадо, ореви, какао и шеќер.
Потоа се додава јајце и путер, па се замесува тесто од кое се формираат полутопчиња кои се печат на 190 степени 15 минути, и на крај се спојуваат со џем, а едната половина се натопува во бело чоколадо, а другата половина во црно чоколадо. Резултатот е неодолив.
Потребни состојки: 150 г брашно, 50 г рендано чоколадо, 100 г мелени ореви, 1 супена лажица какао во прав, 130 г шеќер, 1 јајце, 100 г путер омекнат на собна температура. За лепење на целувките користете џем по ваш вкус, а ако сакате може и некој крем. За декорација: 100 г црно чоколадо и 100 г бело чоколадо.
Постапка: во подлабок сад за месење ставете 150 г брашно, 50 г ситно рендано чоколадо (или чоколадни трошки) и 100 г мелени ореви. Добро промешајте за да се изедначат состојките. Во мешавината од суви состојки додадете и една полна лажица какао во прав.
Во промешаните состојки додадете и 130 г кристален шеќер, па добро изедначете ја смесата. На крај додадете едно јајце и 100 г путер исечкан на помали парчиња и омекнат на собна температура. Убаво замесете со рака додека да добиете структура на влажен и леплив песок.
По неколку минути рачно соединување на состојките, ќе добиете комапктно тесто кое лесно се обликува. Од смесата веднаш без да чекате тестото да одмора, откинувајте мали парчиња и со помош на дланките формирајте мали топчиња со големина на крупен лешник.
Вака формираните топчиња (направете ги во парен број) редете ги во тенкиот плех од рерна обложен со хартија и печете ги во претходно загреана рерна на 190 степени околу 15 минути. Печените колачиња оставете ги целосно да оладат за да се стегнат.
Откако ќе се оладат, лепете ги две по две со малку џем по ваш избор: земете едно колаче, нанесете малку џем на рамната површина, а потоа спојте го со друго колачи. на овој начин ќе добиете “бакнежи” – колачи или целувки.
Вака приготвените целувки можете да ги оставите како што се, бидејќи и вака се многу вкусни, а можете и да ги декорирате со бело и црно чоколадо. Во два различни садови искршете по 100 г бело и црно чоколадо и растопете ги на пареа или во микробранова печка.
Потоа секоја целувка најпрво натопувајте ја во белото чоколадо до половина, а кога се стегне чоколадото, целуваката натопете ја и во црното чоколадо од другата страна. А може половина целувки да ги натопите само во бело, а половина само во црно чоколадо – по ваш избор. деталите можете да ги погледнете ОВДЕ.