Касато торта- многу брзо и лесно се прави, има прекрасен вкус и е многу разновидна. По желба можете да додадете суво овошје и јаткасти плодови (иако има и во овој рецепт). Ова е мојата омилена комбинација и вака ја подготвувам со години.
Потребни состојки: 160 г петит бисквити, 100 мл млеко, 250 г несолен путер, омекнат на собна температура, 150 г шеќер во прав, 220 г чоколадо за готвење, со околу 65% какао, 100 г суви кајсии, 200 г желе бонбони, 150 г ореви. За прелив: 200 г бело чоколадо, 4 лажици сончогледово масло или обично.
Постапка: Бисквитот искршете го на поголеми парчиња, приближно на 4 дела. Растопете го чоколадото за готвење на пареа. Исечкајте ги кајсиите, желе бонбоните и оревите, а може и половина да ги сомелете, а другата половина да останат ситно сечкани.
Прелијте ги бисквитите со млекото и убаво и внимателно измешајте за да не се распарчат и скршат. Во друг сад изматете ги путерот и шеќерот во прав со миксер. Додајте чоколадо, измешајте со шпатула.
Во садот со бисквитите додајте ги сувите кајсии, желе бонбоните и оревите и убаво измешајте. Ако сакате помалку да биде слатка тортата, можете да ја намалите количината на кајсии и желе бонбони. Можете и да ги замените и да додадете друго суво овошје по желба, но мене оваа комбинација ми е највкусна.
Префрлете ја смесата со бисквити во чоколадната смеса и убаво и внимателно измешајте. Калапот намачкајте го со малку вода и покријте го со целофан, но оставете да биде подолг од калапот за да може колачот да се покрие одозгора.
Префрлете ја целата смеса во калапот, па со задниот дел од лажицата потчукнете и сè убаво израмнете. Смесата лесно притиснете ја убаво да се распореди и колачот да нема пукнатини и дупки. Секако дека може да има некои мали пукнатини, но тоа е затоа што путерот се стврднува во фрижидер.
Одозгора покријте ја тортата со вишок целофан и оставете ја во фрижидер преку ноќ. Пред да ја извадите тортата од фрижидер наредниот ден, растопете ја белата чоколада на пареа. Измешајте го маслото и малку изладете.
Извадете ја тортата од калапот и прелијте ја тортата со чоколадо. Украсете со желе бонбони по желба. Оставете во фрижидер околу 4 часа, за убаво да се стегне. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
А доколку ви останале повеќе бисквити и желе бонбони, може да ги направите и следниве триаголници. Нешто набрзина – посен колач „Најубави желби” со бисквити и желе бонбони. Фото и рецепт: Danijela Coso – Нешто набрзина, колач „Најубави желби”.
Овој колач се прави навистина многу брзо, додека трепнеш. Може да се приготви со обично млеко и путер, а за посна варијанта се користи посен маргарин, сок од портокал или фанта/растително млеко или вода, по вкус…Одлично за посни слави.
Потребни состојки: 200 г путер/маргарин, 2 лажици шеќер во прав, 90 мл млеко/вода/сок, 300 г мелени бисквити, 200 г желе бонбони/крем банани/кандирано овошје, чоколадна глазура по избор.
Постапка: 200 г путер оставете го на собна температура, па откако ќе попушти пенасто изматете го со 2 лажици шеќер во прав. Додека матите постепено додавајте 90 мл млеко и соединете.
Во смесата додајте 300 г мелени бисквити (било кои кекси по ваш избор). Промешајте, па додајте 200 г сечкани желе бонбони. Наместо желе, може да додадете сечкани крем банани или кандирано овошје, секој по свој вкус.
Откако со рака ќе ја измесете и ќе ја изедначите смесата, ставете ја во калап или формирајте валјак-салама. Свиткајте во проѕирна фолија и оставете во фрижидер да се стегне.
Потоа извадете и по желба прелијте со чоколадна глазура. Јас користев чоколадо растопено со малку масло. Оставете глазурата да се стврдне, па сечете на парчиња со големина по ваша желба.