Овој колач навистина е необичен и посебен поради кремот кој го содржи со вкус на капучино, а во комбинација со чоколадото го прави едноставно неодолив. Гарантирам дека вреди да се испроба, сите што го пробаа беа воодушевени. Еве што вине потребно според рецептот на Елен:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за бисквит: 6 јајца, 6 лажици шеќер, 3.5 лажици остро брашно, 2 лажици какао, 1/4 лажичка прашок за прчиво (2-3 г), 60 г тостирани мелени бадеми, малку рум за натопување на бисквитот
ЗА ГАНАШ КРЕМ: 200 мл слатка павлака, 200 г црно квалитетно чоколадо. ЗА КАПУЧИНО КРЕМ: 700 мл млеко, 2 кесички пудинг со вкус на ванила (80 г), 2 супени лажици густин/скроб/нишесте, 3 лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 100 г бело чоколадо, 2.5 лажици инстант капучино во прав, 50 мл топло млеко, 150 г путер/маргарин
ПОСТАПКА за бисквит: Во посебни садови одвојте ги жолчките од белките. Белките пенасто изматете ги со миксер додека да добиете цврст снег. Жолчките посебно изматете ги заедно со шеќерот сè додека тој се растопи и да се добие густа и светла кремаста смеса.
Во посебен сад измешајте ги сувите состојки: брашно, какао, прашок за печиво и бадемите. Додајте ги во изматените жолчки, па полека промешајте додека да се изедначи смесата. На крај нежно соединете го снегот од белки.
Додавајте лажица по лажица и мешајте бавно со црпење на смесата од долу-нагоре за да остане смесата пенлива и воздушеста. Добиеното тесто рамномерно распоредете го во големиот плех од рерна, обложен со хартија за печење.
Ставете да се пече во претходно добро загреана рерна на 180 степени, приближно 15 минути или проверете со чепкалка. Потоа оставете го да се олади, па пресечете го на четири еднакви делови – четири ленти.
ЗА ГАНАШ КРЕМ: Чоколадото искршете го на помали коцки и ставете го во еден сад. Во тенџерче загрејте ја слатката павлака, но само колку да се стопли, а не да зоврие. Пред самото зовривање тргнете го оган и прелијте го чоколадото.
Промешајте додека чоколадото да се растопи и целосно соедини со павлаката. Оставете да се олади на собна температура, а потоа во фрижидер уште два часа. Потоа извадете го и изматете го со миксер, па ќе добиете преубав чоколаден шлаг-крем.
ЗА КАПУЧИНО КРЕМ: Во еден сад помешајте пудинг, скроб/нишесте, ванилин шеќер и неколку лажици млеко. Остатокот од млекото ставете го на оган заедно со шеќерот, па штом зоврие намалете ја температурата и додајте го пудингот со непрекинато мешање. Кога ќе згусне додајте бело чоколадо и разматено капучино во 50 мл млеко.
Продолжете да мешате на тивок оган додека чоколадото да се растопи и соедини, па тргнете го настрана и оставете да се олади. Кога со путерот заедно ќе достигнат собна температура, пенасто изматете ги и соединете ги со миксер (во путерот додајте го оладениот крем на неколку наврати).
РЕДЕЊЕ: Првата кора натопете ја со малку рум за да биде сочна, па премачкјате ја со капучино крем. Преку кремот ставете втора кора, испрскајте ја и неа со малку рум, па ставете крем. Потоа истото повторете го со третата и четвртата кора, со тоа што на последната кора не се става крем, туку целата торта се премачкува со ганаш. Добро изладете и послужете. / Сооlinarika.сom