Не мора да се откажувате од вашиот омилен прилог за време на постот, направете посно компир пире кое одлично се комбинира со разни други посни јадења. Пирето од компири е меѓу најпопуларните прилози на главните јадења. Може да се послужи со речиси секое јадење, а вкусот е толку добар што никој не може да му одолее.




Секој го подготвува на свој начин, некој сака да останат грутчиња од компирот, некој сака пенасто да го измати со миксер, некој додава различни зачини, павлака или кашкавал за да го подобри вкусот. Еден од повкусните рецепти за компир пире содржи путер, млеко и јајце.




Јајцето секако, се додава додека компирот е сè уште врел, а за уште подобар вкус се додава и една рака рендан кашкавал. Од сите овие состојки се добива извонредно вкусно пире. Меѓутоа, и без сите овие додатоци од компирот може да се направи многу вкусно пире ако му се додаде уште една состојка.




Не мора да се откажете од омилениот прилог бидејќи започна Велигденскиот пост. Сега направете го без млеко и со посен маргарин. Познатиот готвач Кори Јорк, сопственик на наградуваниот ресторан „Deep Blue“ во Орландо, ја сподели тајната за вкусно и кремасто пире од компири без млеко, со само 2 состојки.




Ова е најпопyларниот прилог во неговиот ресторан. Користете бели компири затоа што сами по себе се како путер и мазни, па текстурата ќе биде покремаста. Бидејќи се користи само маргарин, обидете се да набавите колку што е можно поквалитетен.




Сварениот компир испасирајте го специјална пасирка/лажица за пире, не користете миксер или друг електричен апарат. Доколку пирето ви се чини дека е суво, тогаш додајте малку од водата во која се вареле компирите. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 4 компири со средна величина, 40 г посен маргарин, 1/2 лажичка сол, околу 50 мл вода во која се варел компирот. Оваа количина е за две лица, па соодветно зголемете ги количините според потребите. Компир пирето никогаш не се мати со миксер, бидејќи создава „гумиран“ ефект.




ПОСТАПКА: Измијте го компирот, излупете го и повторно измијте го. На местата каде имало ‘ркулци исечете подлабоко, а ако компирот е зелен и после лупењето, тогаш подобро фрлете го, бидејќи зелените компири не се за употреба и не се вкусни. Компирите исечете ги на парчиња со приближна еднаква големина за да можат истовремено да се сварат.




Исечениот компир ставете го во ладна вода со малку сол, загрејте до зовривање, а потоа намалете ја температурата. Внимавајте капакот да ви биде тргнат настрана, бидејќи ако го поклопите компирот додека се вари, ќе се подигне пена и ќе ви истече водата. Повремено боцкајте го компирот за да проверите дали е сварен.




Одржувајте го нивото на водата над компирите со додавање на топла вода. Сварениот компир процедете го од водата, но дел од неа сочувајте. Добро испасирајте го со виљушка или лажица за пасирање и внимавајте да не ви остануваат грутчиња. Доколку забележите дека има недоволно сварен компир, тогаш тоа парче фрлете го.




Ставете го маргаринот во испасираниот компир и посолете. Обично е доволно 40-50 г маргарин на оваа количина, но секој по свој вкус може да додаде повеќе или помалку. Од топлата вода додавајте по малку додека мешате до посакуваната густина, но внимавајте премногу да не го разредите. Пирето е највкусно кога е топло, па затоа приготвувајте го непосредно пред сервирањето.