Во продолжение можете да прочитате 4 рецепти, од 4 домаќинки и иако навидум постапката е слична, сепак имаат некои различности. На пример, некои чварките ги солат веднаш додека се топли, а некои отпосле, кога ќе изладат. Некој става млеко во пржењето, некој не. Ако имате свој начин на приготвување чварки, споделете го во коментари.

РЕЦЕПТ 1: Фото и рецепт: Лилјана Илиева

Набавете прво сланина и исечете ја на не многу големи парчиња, приближно 3 см дебели и 8-10 см долги. Вака исечени ставете ги во голем сад (кофа, вангла, лонец или слично) и прелијте ги со ладна вода. Ова се прави за да искисне добро и да се испере од нив крвта која останала.

Јас ова го правам одвечер, ја накиснувам, променувам неколку води, повотно налевам вода и ја оставам сланината цела ноќ да кисне, па следниот ден уште 2-3 пати ја менувам водата, па кога ќе видам дека нема крв, тогаш е спремна за пржење.

Ова измивање на крвта е неопходно, затоа што крвта лесно се расипува и потоа маста добива многу лош мирис.

ОДБИРАЊЕ

Јас користам само надворешна сланина, која се наоѓа под кожата, бидејќи е најчиста и нема лош мирис.

Внатрешната маст се топи посебно од сланината затоа што таа има пониска точка на топење, брзо се растопува, а остатоците од оваа маст се залепуваат на самото дно од тенџерето, загорува и маста добива лош мирис и лоша боја.

Маста околу цревата исто така, воопшто не ги топам, тоа го фрлам зошто навистина има многу лош мирис. Ако некој ја топи оваа маст, нека ја топи посебно од сланината.

ПРВА ПОСТАПКА-ТОПЕЊЕ НА МАСТ И ОДВОЈУВАЊЕ НА ЧВАРКИ

Добро измиената сланина ставете ја во големо тенџере. Налејте вода колку да се покрие дното. Потоа се загрева на умерен оган се додека да се одвои маста, а за тоа време водата испарува.

Цело време се промешува и се внимава да не загори. Кога чварките ќе добијат розова боја, а маста станала проѕирна, на површината нема веќе меурчиња, се трга тенџерето од оган и преку сито се процедува маста. На тој начин се одделуваат чварките.

МАСТ

Маста за да има подобар вкус, после процедувањето повторно се враќа на оган добро да проврие на брзина, па се трга од оган и приближно на секои 10 кг маст се долева 1 литар млеко и тоа внимателно, зошто лесно може да ви претече.

Повторно вратете на оган и цело време мешате, па кога ќе видите дека млекото почнува да се згрутчува како ситно сирење и да паѓа на дното, тргнете го од огнот. После ова повторно се процедува маста, се остава малку да излади па се се налева во садови (тегли, тенџериња…)

ЧВАРКИ

Во зависност од тоа колку чварки имам, така и постапувам. Ако се малку, тогаш само на кратко ги враќам повторно на оган, ги пропржувам, повторно ги процедувам, ги посолувам и толку.

Но, ако имам поголема количина, тогаш ги враќам повторно во тенџерето на оган, па кога ќе зовријат ги полевам со млеко, па ги пржам додека водата од млекото да испари, а тоа започне да згрутчува и таложи на дното. Тогаш ги тргам од оган, ги процедувам и посолувам. Вака приготвените чварки не можат да се споредат со обичните чварки.

РЕЦЕПТ 2: Фото и рецепт: Катарина Дуспара

Купечката сланина се сече на коцки, се ставаат во поголемо тенџере и се додава чаша вода. Се варат на умерен оган, па кога водата ќе испари и ќе започнат да се топат, се одвојува првата маст. Тоа е онаа што останува бела кога ќе излади и ќе се стврдне. Потоа се користи за колачи, се меша со путер и слично.

Се меша цело време, а пред крај кога ќе добијат убава боја им се додава малку млеко за да добијат карамел боја. Кога и млекото ќе испари, чварките се готови.

РЕЦЕПТ 3: Фото и рецепт: Светлана

Излупете ја сланината од кожата, па исечете ленти со дебелина од 5 см. Потоа исечете ги на парчиња со дебелина од 1 см ако сакате чварките да ви крцкаат како чипс.

На дното од тенџерето (не смее да биде емајлиран) од 50 л ставете 700 мл вода. Додадете ги исечените парчиња од сланина и потпалете го огнот кој треба треба да умерен. Мешајте по дното за да спречите загорување и лепење.

Кога сланините ќе започнат да пуштаат маст, додадете околу 500 мл млеко за да добијат убава црвена боја и понатаму постојано мешајте со дрвена лажица.

Потоа тргнете од оган, а чварките и маста процедете ги притискајќи ги со лонче за да се истисне од нив вишкот маст. Чварките не ги солете веднаш!

РЕЦЕПТ 4: Фото и рецепт: Снежана (ако ги правите на рингла на шпорет)

Исечете ја сланината на коцки 3х3 см, ставете ги во тенџере и додадете 500 мл вода. Пржете на средна температура (од 1-6 висе ставете на 4).

Треба да се меша често и да се внимава да не загори. Кога маста ќе се растопи и ќе ги прекрие чварките и кога ќе гобијат малку златна боја, се додава 100-200 мл млеко. Се продолжува со мешање додека маста да се избистри и чварките да добија убава боја. Врелите чварки се посолуваат.

Од 2,5 кг сланина добив околу 1,3 кг маст и 800 г чварки.