Кромидот може да биде со најразлична димензија, боја и интензитет на лутост, но без разлика на тоа, секогаш може да ве натера да „заплачете“.
Кромидот е двегодишна билка од фамилијата Allium. Се користи за приготвување на разни салати и како зачин во многу варива. Потекнува од јужна Азија иако денес се одгледува ширум светот. Спаѓа во најотпорните и најстари видови градинарски зеленчук, има остар вкус бидејќи содржи етерично масло богато со сулфур, а познато е дека од сечкањето солзат очите.
Во народната медицина се користи против настинки, за увоболка и ларингитис, а се употребува и при убоди од инсекти, изгореници и брадавици.
За да не ви солзат очите додека го сечете кромидот, потребно е да знаете како тоа правилно да го направите:
Прво, користете што поостар нож, бидејќи тапите ножеви ги оштетуваат деловите на кромидот со што се ослободуваат повеќе ензими.
Пред сечкањето, главицата кромид ставете ја еден час во фрижидер, бидејќи ниската температура се успорува активноста на ензимите кои произведуваат надразнувачки супстанции.
Исто така помага доколку острицата на ножот ја намачкате со лимонов сок кој го ублажува делувањето на сулфурните компоненти на кромидот.
Доколку брзате, па немате време да ви отстои кромидот во фрижидер, ставете го 2-3 минути во сад со студена вода.