Постојат неколку сорти калинки но заедничкото за сите нив е дека тешко се чистат од тенките бели мембрани помеѓу кои збиено се наредени сочните црвени зрнца. Меѓутоа, искусните домаќинки имаат проверени методи, а ова е еден од нив:

1.Калинката засечете ја на средина, странично во круг, како да ја сечете на половина.

2.Завртете ги двете половина во спротивна насока за да се одвојат полутопките.

3.Врз дланката поставете ја едната полутопка со рамната страна кон раката. Под ракатта поставете чинија каде ќе паѓаат зрната.

Започнете да удирате со дрвена лажица (заоблената страна да си одговара со заоблената страна на кората). Зрната сами ќе паѓаат.

4.Отстранете ги евентуалните бели мембрани што ќе паднат заедно со зрната.

Втор начин е да ја исечете калинката на парчиња и да ја ја потопите во вода. Зрната би требало да потонат на дното, а лушпата да остане на површина.

СОК ОД КАЛИНКА

Најздрав е сокот од свежо исцедена калинка. Исчистените зрна ставете ги во зип-кеса и со оклагија поминете одозгора за да се истисне од нив сокот.

Потоа, процедете ги низ газа или цедалка, па истиснете колку можете повеќе сок од нив.

Ако приготвите поголема количина, најдобро е сокот да го замрзнете. Ако сакате да направите сок на растворање, еве еден рецепт:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

1500 г бобинки од калинка (исчистени)
1 лимон – исцеден сок
800 г кафеав шеќер

ПОСТАПКА:

Исчистените бобинки ставете ги во тенџере, па помешајте ги со шеќер и лимонов сок. Оставете ги во фрижидер 15 часа со повремено промешување. Потоа изгмечете ги бобинките со раце и низ газа, колку што можете повеќе да издвоите сок.

Сокот складирајте го во стаклено шише и чувајте го во фрижидер. Се користи како сок на растворање. Овој сок го испивме за 20 дена и воопшто не му се промени вкусот, па така точниот рок на траење не го знам.

Ако сакате термички да го обработите, тогаш процедениот сок сипете го во тенџере заедно со шеќерот и лимоновиот сок, па гответе го на тивок оган 20-тина минути. Топол се складира во топли шишиња и се затвора.

Се чува на темно и ладно и се раствора со вода или газирана вода, а може да се користи и како прелив за палачинки или торти.