Данска е една од најповолните европски земји кога се работи за бременост, и воопшто – создавање на семејство. Данскиот државен систем прави што сé не за промовирање на раѓањето, ама и на посвојувањата (да видиш двајца татковци или две мајки да туркаат количка во паркот тука е нешто сосема нормално). Исто така се прави сé што е можно за поддршка на таканаречените „самохрани родители”, разговорно речено – ако се случи да забремениш и да немаш маж до себе, да не се мислиш како ќе го одгледаш тоа дете, туку да си опуштена дека нема да живеете очајно и сè ќе биде во ред и со тебе и со детето.
Сé ова погоре и подоле се сведоштва од една Бугарка која во моментот живее во Копенхаген. Сака од лично искуство да раскаже што значи да си бремена во Данска, со надеж дека вака или онака, некому тоа ќе му биде корисно; Нам, на пример, кои не живееме во Данска, за конечно да ни се прелее чашата и вистински да посакаме да живееме како во Данска. А тоа вистински да сакаме да живееме како во Данска е првиот и неопходен чекор кон тоа еден ден навистина да живееме како во Данска.
Сега откако ја дешифриравте реченицата, да прејдеме на главното:
„Живеам во Копенхаген од почетокот на 10-тата гестациска недела (бременоста трае 40 недели, а броењето почнува на денот на последната менструација, затоа „гестациски“). Во моментов сум во почетокот на вториот квартал, затоа можам да ги споделам искуствата само до овој момент.
Првото и витално нешто кога ќе одлучиш да живееш во Данска е да имаш CPR број (кратенка за Central Person Register). Овој број тука – во Данска, е поважен и од матичниот број кај нас во Бугарија. Со овој број ти си регистриран во данскиот систем и реално можеш да живееш во државата. Како граѓани на ЕУ, можеме слободно да влеземе во Данска и да живееме во земјата колку ќе посакаме (по закон се демек 6 месеци, но никој не ти мери време). Меѓутоа, без CPR број не можеш да работиш, не можеш да живееш под кирија (или да купиш куќа/стан), не можеш да имаш дански мобилен број на договор со оператор, не можеш да имаш банкарска сметка, и немаш пристап до уште еден куп нешта; но најважно од сé, немаш право на користење на нивниот уникатен, бесплатен здравствен систем.
Постојат неколку начини на кои можеш да добиеш CPR – да најдеш работа на договор со најмалку 25 работни часа неделно, да си примен како студент на дански универзитет, да си на издршка од дански државјанин – што се нарекува „спонзорство“ и се докажува со приход од страна на „спонзорот“, или да имаш семејна врска со дански државјанин.
Сепак, бременоста си тече со полна сила без да ја интересираат административни правила, па така јас се најдов бремена во 10-та недела во Данска без CPR број, само со европска картичка за здравствено осигурување (ЕЗОК) – документ врз чија основа при престој во друга земја членка на ЕУ, здравствените осигуреници можат да уживаат во итна и неопходна здравствена (медицинска и стоматолошка) помош, согласно со законите на конкретната земја на престој, која по правило би требало да ми врши работа само во итни случаи.
Како што знае секоја бремена жена, меѓу 10 и 13-та + 6 недела се прави биохемиски скрининг за да се утврди дали сé е во ред со фетусот, и поконкретно, дали има ризик од Даунов синдром или сл. Бидејќи ова ми е прва бременост, разбирливо е дека бев малку напната околу оваа ситуација во која се најдов како лице без здравствено осигурување во странска држава, макар била и една од најразвиените и најповолни за живеење во Европа. Сепак, сé се нареди како по ноти откако матичниот лекар на таткото (кој има данско државјанство) светкавично брзо ни закажа не еден, туку два часа во една недела за преглед кај него.
Без да го имам фамозниот CPR број, без да работам или учам во земјата, се покажа дека сепак ќе добијам медицинска нега, и тоа целосно бесплатно, што е сосема во контраст со ситуацијата во Бугарија. Таму (дома) иако имам постојано здравствено осигурување од пред повеќе од 10 години (и тоа на доста висока плата, да бидам искрена), си плаќам за секоја посета кај матичниот лекар, за секоја последователна посета кај специјалистот, па дури и за чашката за урина во лабораторија. Нека сум и активно вработена, осигурена на цела плата, бремена или сл. – во Бугарија не е важно.
Кај матичниот лекар во Копенхаген прво нé пречека сестрата, која оддели неочекувано долго време за мене и таткото, т.е. за да го пополно моето медицинско досие. За прв пат во животот некој ми поставуваше прашања и за таткото (кај матичниот лекар и двете посети на гинеколог во Софија никој не се заинтересира).
Во Бугарија отидов на гинеколог во 5-тата и потоа во 9-та гестациска недела. Знаев дека сум бремена само од двете црти на двата теста за бременост кои ги направив. Лекарот ме погледна на ултразвук, ја лоцираше точката која иташе низ својата авантура во мене, и ми кажа дека ќе се видиме повторно по 3 недели, за да утврдиме дали оваа точка ќе ја биде во зародиш или не. Во соодветниот период отидов пак и се покажа дека точката одлучила да стане човек. Ми земаа крв и урина за стандардните тестови, како и секрет за микробиологија. Резултати проверив на сајтот на лабораторијата. Повеќе не отидов во Бугарија на лекар, бидејќи заминав за Данска.
Во Копенхаген се најдов во лекарска ординација во 11-тата недела (и потоа 3 недели подоцна), каде повторно ми зедоа крв и урина, но освен стандардната крвна слика, ме тестираа и за ХИВ, сифилис, хепатитис и сл. Исто така, ми поставија и еден куп прашања кои не ми ги поставија во Бугарија, како: се придржувам ли на некаков посебен режим на исхрана (демек дали сум веган, вегетаријанка или нешто слично), пушам ли цигари, земам ли некакви наркотици или седативи, вакцинирана ли сум против сипаници, има ли таткото некакви алергии, итн.
Ми измерија и висина и тежина, ми дадоа и чашки за урина за да имам за следниот пат директно да си носам од дома. Во медицинското досие ми запишаа и уште што работам (требаше да станам наставничка во саботно бугарско училиште во Копенхаген) и што работи мажот ми.
Интересно ми беше тоа што крвта и урината се земаат во секое време од денот (нема напомена дека мора да си гладна и жедна), и тоа во самиот кабинет на лекарот, од каде потоа материјалот се транспортира до лабораторијата во болницата, од човек на мотор со специјална приколка.
Два дена подоцна повторно во кабинетот на докторот ми рекоа дека резултатите од истражувањата се идеални, ме прашаа дали имам поплаки или прашања, ми рекоа да јадам што сакам – со приоритет на овошје и зеленчук, да се движам – но не да трчам маратони, и дека следниот преглед ќе биде дури во 24-та недела, па повторно во 32-та. За сето тоа не платив апсолутно ништо.
Е сега, излезе дека биохемискиот скрининг треба да си го платиме во приватна клиника, бидејќи немам CPR број… Ако имав поднесено документи за добивање на CPR, испитувањето ќе беше бесплатно, но тоа сé уште го немав направено. Како што знаете, овој биохемиски скрининг е препорачлив, но не е задолжителен. Ние одлучивме сепак да го направиме, и си закажавме термин во приватна клиника. Ми земаа крв и детално го гледаа бебето продолжено на ултразвук. Ни дадоа еден куп слики, како и неколку видеа од малото човече за да си имаме за спомен. По неколку дена ми беа готови и резултатите кои покажаа дека нема од што да се плашиме. Сето ова нé чинеше 1.500 круни т.е. околу 395 лева (околу 12.400 денари), со вклучен процент за некаква си такса поради тоа што плаќам со бугарска здравствена картичка.
Интересно е што во Данска за време на целата бременост, ултразвук се прави два пати – 11 и 13 + 6 гестациска недела и меѓу 18-та и 20-та г.н. Се разбира, ако докторот процени дека бременоста е ризична, се прават и повеќе процедури, но ако сé е во ред, тоа е тоа што го добивате со здравственото осигурување. По ваша желба можете да платите во приватни клиники и да го гледате бебето колку сакате.
Другото интересно е што бремената оди кај својот матичен лекар само ако е неопходно. Ако е сè нормално, ќе го посетиш лекарскиот кабинет вкупно 3-4 пати во текот на сите 9 месеци. Во одредена етапа во бременоста, до која јас сé уште не сум стигнала, ти се „доделува“ акушерка на која ѝ се обраќаш за било какво прашања, која е и првата на која ѝ се обраќаш кога ќе ти пукне водењакот.
Интересно е и што тука е редовна пракса да си пишуваш пораки/мејлови со твојот матичен лекар, било за прашања или некаква друга потреба околу бременоста. За среќа, во Бугарија мојот гинеколог ја нудеше истата „услуга“, но тој е исклучок во масата.
Исто така, во Данска бремените жени се исклучително активни. Ќе ги видите како летаат со велосипедите насекаде и со секакви големини на стомакот. Освен тоа, никој не те присилува нешто да купуваш, ниту пак има којзнае какви реклами за препарати за бременост и бремени.
Не можам да го речам истото и за Бугарија… И без да сум бремена, во секој лекарски кабинет, лабораторија и аптека ме пречекуваат непроценливо големи количини реклами/флаери за витамини, додатоци, испитувања и препарати кои ветуваат дека ќе ја имам најсовршената, најмирната и најсигурната бременост на светот, и дека ќе родам идеално здраво дете.
Тука во Данска, ако сакаш да пиеш витамини, ќе ти препорачаат било какви, но единствено што активно ќе ти советуваат е активно движење на мајката. Јас лично си купив комбинирани витамини за бремени и крем против стрии, и со тоа го затворив прашањето за адитивите. Се разбира, секојдневно јадам секакво овошје и зеленчук, кои тука се по прилично пристојни цени.
Друго што можам да споделам е дека во Данска идната мајка може да му даде на знаење на работодавачот дека е бремена дури и на само 3 месеци пред терминот на породување, и никој нема да ѝ направи проблем околу тоа.
Исто така има и бесплатни курсеви (вклучувајќи и англиски) за бремени, кои се одржуваат во локалните болници. Постојат и разни други активности за идни мајки и татковци; дел се плаќаат, дел се бесплатни, потребно е само да го имаш фамозниот CPR број.
Во однос на самото раѓање, можам да ги споделам само информациите што ги имам добиено од локалните мајки и веб сајтови за трудници: дека можеш да бираш каде и како ќе се породуваш – можеш и дома или во када/базен, бираш дали со анестезија или без, можеш да си однесеш музика што ќе ти ја пуштат во породилната сала, не мораш да носиш ноќница или друга болничка облека од дома – сé такво ќе ти обезбеди болницата… Штом го родиш детето, ти го ставаат на градите за да се запознаете и погушкате, додека за тоа време докторот се занмава со папочната врвка, плацентата и слично. Ако сé е во ред и со мајката и со бебето, те испишуваат од болница по 4 до 6 часа од породувањето.
Потоа за тебе се грижи акушерката која ти е доделена претходно. Ти се јавува на телефон да те праша како си, и ти доаѓа во домашна посета кога е неопходно (или по твоја желба).
Сето тоа се надевам дека ќе го изживеам на своја кожа и ќе можам да ви раскажам од лично искуство“, завршува Ниа Лазарова