Рецепт: Гурманче
Растресена, воздушеста и висока, нималку жилава, ниту масна, мојата омилена гибаница по еден едноставен, старински рецепт. Честопати тато ме изненадуваше за појадок или вечера, само во еден миг ќе почувствував мирис кој допира од кујната…
Татко ми повеќе го нема… А мирисот на оваа гибаница секојпат ме враќа, барем на момент во оние безгрижни времиња кои ги поминувавме заедно… Рецепт за домашна гибаница, каква што ја правеше еден омилен татко.
Потребни состојки: 500 г квалитетни кори за гибаница, 3 јајца, 200 г полномасно старо бело сирење, 250 мл газирана вода (или малку повеќе, по потреба), 1 прашок за печиво, малку масло (може и не мора). Не треба да се посолува доколку сирењето е доволно солено
Постапка: Во поголем сад изматете јајца, па додадете сирење и потоа издробете го во виљушка. Кога целосно ќе го издробите, добро промешајте за да се изедначи. Додадете газирана вода, прашок за печиво и малку масло (иако не мора, особено ако сирењето е силно).
Убаво промешајте да се изедначат состојките. Една по една, натопувајте ги корите во приготвената смеса. Процедувајте ги како што се цеди сунѓер, само малку понежно – треба да се направи растресена топка од секоја кора, никако компактна повеќе од што мора.
Направените гужвани купчиња редете ги едно покрај друго во намастен висок плех. Доколку на крај останат трошки сирење кои не се зафатиле на корите, рамномерно распоредете ги помеѓу наредените купчиња.
Тоа што овие купчиња се редат директно во плехот, без кора на дното која служи како подлога, дава некоја посебна магија, бидејќи некои парченца сирење убаво се запекуваат и на кората и даваат посебна арома.
Вака приготвената гибаница ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 30-45 минути – готова е кога ќе зарумени и кога ќе започне да се шири неодоливиот мирис.