Одличен рецепт за печено телешко месо на кое освен сол не се ставава ништо друго. Се користи само една лажица масло за да се намасти плехот и малку вода за да има сочност. Проследете го рецептот, а подолу има е видео од целата подготовка.
Месото се пече вкупно 1 час и 45 минути или во завосност од големината на месото. Излегува исто како да сте го печеле под сач.
Потребни состојки:
2 кг телешко месо со коска (од врат)
1 лажица масло
сол по вкус
околу 300 мл вода кои се додаваат постепено
Постапка:
Вклучете ја рерната на 200 степени. Дното на садот во кој ќе се пече месото намастете го со една лажица масло.
Месото ако е убаво парче можете да го оставите во една целина или да го пресечете на две-три помали парчиња.
Посолете го од сите страни и убаво истријте ја солта да навлезе во месото. Ставете го месото во садот, долејте половина чаша вода и поклопете го садот, па ставете да се пече.
После половина час, проверете го месото, додадете уште малку вода за да не остане суво и да не загори, повторно поклопете со капак и вратете да се пече со малку намалена температура (на 180 степени или во зависност од вашата рерна).
После изминати уште половина час, месото одозгора треба малку да е зацрвенето, па внимателно превртете го за да се запече и од другата страна. (Значи на вкуспно еден час печење се превртува и се додава уште малку вода).
Повторно се поклопува и се враќа да се пече 15 минути, по што се вади и повторно се превртува, а по потреба се долева уште малку вода.
Се поклопува и се враќа да се допече уште 15-тина минути. По изминување на овој период се вади капакот, се полева со течноста што ја има во садот, или се долева уште малку вода, па доколку нема убава зацрвенета боја се враќа уште 10-тина минути да се запече без капак.