Рецепт и фотографии на Николинка Касап – Уштипци меки како памук. Можете да ги сечете како правоаголници, квадратчиња, триаголници..а јас овојпат се одлучив да ги правам тркалезни, како крофни. Многу лесно и едноставно се приготвуваат, а имаат предобар вкус.
Се приготвуваат само од брашно, јогурт, прашок за печиво, сол и масло за пржење, а излегуваат толку многу вкусни. Многу се брзи, бидејќи не го чекате тестото да стасува и да го премесувате неколкупати. Тестото е одлично за работа, па можат да го приготвуваат и неискусни во кујната.
Потребни состојки: 450 мл јогурт, 2 лажички сол, 1 кесичка прашок за печиво, 600 г брашно и по потреба се додава уште за домесување на тестото за да не лепи. Уште ќе ви биде потребно масло, бидејќи уштипците се пржат во длабоко масло.
Постапка: Во подлабок сад истурете го јогуртот претходно отстојан на собна температура, додадете го брашното, солта и прашокот за печиво, па со лажица или шпатула промешајте ја смесата за да се изедначат состојките. на крај замесете го тестото со рака.
Ќе добиете меко и лепливо тесто. Истресете го врз работна површина, претходно облично наросена со брашно, па месете го со додавање на уште малку брашно додека да престане да се лепи за рака и да стане мазно и еластично.
Тестото развлечете го со помош на оклагија во тенка кора со дебелина од еден прст, па сечете ја по желба, на коцки, правоаголници, триаголници… а јас овојпат со чаша вадев тркалезни форми како крофни. Остатокот од тестото повторно премесете го и развлечете го во кора.
Постапката повторувајте ја додека да ви се потроши тестото. Сечените парчиња тесто пржете ги во умерено загреано масло додека убаво да зарумени од двете страни. вадете го во чинија обложена со хартиена салветка за да се исцеди вишкот маснотија. Послужете ги топли или ладни, подеднакво се вкусни.
II РЕЦЕПТ – Шушкави, шупливки посни уштипци – и овој рецепт запишете си го. Домашните уштипци или балончиња се многу вкусни, а с приготвуваат без јајца и млеко, па доколку постите може да ви бидат одличен појадок или вечера.
Со брашно, вода и квасец ќе добиете вкусен оброк или десерт, во зависност од тоа дали ќе одлучите да ги наросите со шеќер во прав или да ги премачкате со мед или џем. А може да ги јадете и со ајвар, сирење, јогурт…затоа што имаат неутрален вкус. Рецепт и видео презентација на “Да готвиме лесно”: Посни уштипци.
Потребни состојки: 400 г брашно, 250 мл млака вода, 20 г свеж квасец, 1 рамна лажичка шеќер, 1 рамна лажичка сол, масло за пржење
Постапка: Квасецот издробете го во 250 мл млака вода, додадете лажичка шеќер и добро промешајте за да се раствори. Во подлабок сад ставете го брашното, направете вдлабнување па во него ставете го растворот со квасецот и оставете 10-тина минути за да се активира. Солта наросете ја во брашното, на страна (не во квасецот, за да не го стопира активирањето).
Потоа замесете го тестото кое треба да биде меко и да се одвојува од страните на садот (малку лепливо за рака). Месете го тестото без многу притискање, за да може да се наполни со воздух (погледни видео). Потоа покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да стасува околу половина час додека да се удвои.
Стасаното тесто истресете го на добро набрашнета работна површина и премесете го малку. Потоа со помош на оклагија развлечете го во кора со дебелина од приближно 5 мм, сечете правоаголници (оваа форма најмногу одговара, бидејќи најбрзо и најубаво се пржат).
Исечените правоаголници покријте ги со памучна крпа и оставете ги да одморат 10 минути. Потоа пржете ги во умерено загреано масло. Спуштајте ги во маслото со страната која била нагоре. Кога ќе заруменат од двете страни вадете ги во чинија со хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.