Фотографии и рецепт на Рената Трајчевска – Домашен препарат за подигање на имунитетот од природни состојки.
Комбинацијата од мед, ѓумбир и лимон делува како еликсир врз целиот организам и помага во зајакнување на имунитетот, како и лекување на некои здравствени состојби.
Пред сè, се консумира при настинки за намалување на кашлицата, намалување на болките во грло, како и течење од носот. Се користи и при стомачни проблеми, како и за намалување на главоболките. Зајакнете си го имунитетот со природни состојки кои поединечно се многу моќни, но во комбинација делуваат уште поефикасно.
Потребни состојки:
3-4 лимони
200 г свеж корен од ѓумбир
500 г мед
100 г поленов прав (по избор)
Постапка:
Доколку лимоните не се органски, измијте ги убаво со ладна вода, истријте ги со сода бикарбона и оставете ги половина час во вода во која сте додале малку оцет. Потоа повторно уште еднаш измијте ги под млаз ладна вода.
Исечкајте ги на тенки парчиња и извадете ги семките. Ставете го исечениот лимон во блендер и сомелете го заедно со кората. Ѓумбирот излупете го (најдобро со лажица), па ситно исечкајте го. Може и да го изрендате, но тогаш повеќе се губат соковите и останува влакнестата структура.
Во подлабок сад измешајте ги ѓумбирот и мелениот лимон, па прелијте со мед. Оние што не се алергични на поленов прав, може да го додадат за да го зголемат лековитото својство на медот.
Смесата складирајте ја во стаклени теглички и чувајте ја во фрижидер. Може да се консумира уште следниот ден, но најдобро е ако отстои 5-7 дена за да се соединат состојките. Се консумира по една супена лажица дневно, најдобро наутро на гладно. Смесата е многу вкусна, па може да ја додавате во чаша вода, во топли напитоци, да ја мачкате на лепче…
Еве зошто треба да ја консумирате оваа смеса:
-Го зајакнува имунитет и го зајакнува телото
-Го забрзува закрепнувањето доколку сте болни
-Ја смирува мачнината и нервозата во желудникот
-Делува смирувачки на нервниот систем
-Го поттикнува работењето на цревата, ја смирува надуеноста, а со самото тоа и нервозата.
-Ја поттикнува циркулацијата
-Ќе ве затопли повеќе од ќебето!
Фотографии и рецепт на Рената Трајчевска