Во овие месеци пред да започне летото, почесто гледаме разновидни и здрави рецепти за слабеење кои ветуваат успешно намалување на тежината. Но, повеќето од нив не заситуваат многу и бараат строго гладување. Во последно време, Валентина Машковиќ на својот канал на јутјуб споделува здрави рецепти, со кои никогаш нема да бидете гладни, но во што е тајната?
Општопознат факт е дека добро нутритивната исхрана која е балансирана е најдобриот начин на исхрана. Овошјето, зеленчукот, млечните производи (кој може да ги толерира), семињата, месото… можат да се подготвуваат на најразлични начини, а сепак се здрави и не дебелеат.
Но, што е со благото? Рафинираниот шеќер е речиси во сите десерти и не може да се одбегне. Валентина вели дека овој колач не содржи шеќери, брашно, ниту масти и можете да си го дозволите кога сте на одреден режим, за да ја заситите потребата за благо.
„Неодамна почнав да го практикувам овој начин на исхрана и можам да кажам дека моето тело го чувствувам поздраво. Покрај тоа што ги намалив килограмите, имам и повеќе енергија. Исто така, многу сакам благо, па не можев да одолеам, а да не изедам по еден ред чоколадо.
Но, откога го пронајдов овој рецепт, можам да кажам дека сум многу задоволна и заситена. Имам уште неколку здрави рецепти кои се подготвуваат најчесто од овес, како палачинки или бомбици од јатки, но овој колач ми е еден од омилените. Го јадам без грижа на совест“, вели една читателка. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г овесни снегулки, 250 мл топло млеко (1 чаша), 100 г суво грозје, 2-3 банани (зависи од големината на бананата), 2-3 јајца, екстракт од ванила, 1 лажичка прашок за печиво, 40-50 г какао, 70 г ореви, 50 г темно чоколадо. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 20-30 мл млеко.
ПОСТАПКА: Загрејте го малку млекото, пред зовривање, па со него прелијте ги овесните снегулки (јас користев поситни). Промешајте и почекајте кратко време додека да набубрат. Потоа, додајте го сувото грозје кое претходно треба да биде отстоено во вода (доволно е 10-15 минути).
Во друг сад измешајте две или три јајца, во зависност од големината. Настрана, испасирајте 2-3 банани (ако се помали ставете 3). Енергично измешајте ги бананите измешајте ги во јајцата, така што смесата ќе биде без грутчиња. Потоа додајте малку екстракт од ванила, 1 лажичка прашок за печиво и 40-50 г какао. Сѐ заедно измешајте во еднолична смеса, па соединете ги двете смеси.
Плех со димензии 26х20 см или слична големина обложете го со хартија за печење и малку намастете го на дното и од страните. Излејте ја смесата за колачот и добро израмнете. Одозгора наросете со крупно сечкани ореви и изрендајте 50 г чоколадо. Печете во загреана рерна на 180 степени, 20 минути.
Во меѓувреме подгответе ја глазурата така што ќе го растопите чоколадото заедно со млекото во микробранова печка или на пареа. Кога колачот малку ќе се олади, премачкајте го нежно со глазурата. Деталите погледнете ги ОВДЕ.