„Се сеќавам на неделите од моето детство кога одев кај мојата најдобра другарка, а нејзината мајка, тетка Ката, нè послужуваше со овој колач.
Спомените се толку силни што и сега го чувствувам истиот вкус во устата…“, вели Анка во својата презентација за колачот кој на сите им е познат како „туфахија“. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10-15 јаболка, 100 г мелени ореви, 1 лажица шеќер и малку врело млеко. По желба зголемете ја количината на оревите
За бисквит (1.верзија): 5 јајца, 5 лажици шеќер, 7 супени лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво, 4 супени лажици топла вода. И уште: 2 кесички шлаг (за декорација)
За бисквит (2.верзија): 3 јајца, 200 г шеќер, 100 мл масло, 100 мл млеко, 200 г брашно и 1 кесичка прашок за печиво
ПОСТАПКА: Најдобро е да земете помали јаболка со приближно иста големина и да ги наредите погусто во калапот, така што кога ќе го исечете колачот, на секое парче да имате јаболка и ореви.
Излупете ги јаболката и издлабете ја средината. Со врело млеко попарете ги мелените ореви измешани со лажица шеќер, само колку да добиете компактна смеса погуста од крем. Во зависност од големината на јаболката, можеби ќе ви биде потребна поголема количина ореви.
Јаболката ставете ги во плех премачкан со маргарин, па наполнете ги со смесата од ореви и ставете ги во рерна загреана на 200 степени да се печат околу 20 минути. Кога ќе заруменат, тоест добијат жолта боја, прелијте ги со тестото за бисквит.
Печете уште 20 минути и проверете со чепкалка дали е добро испечен бисквитот. За бисквит: во подлабок сад пенасто изматете ги јајцата со шеќерот додека да добиете густа кремаста смеса, а би требало да матите 6-8 минути за да ја постигнете таа густина.
Додека непрекинато матите додајте ја топлата вода, а потоа намалете ја брзината на миксерот на минимум и додајте го просеаното брашно помешано со прашок за печиво. Ако бисквитот го подготвувате според втората верзија, најпрво изматете ги белките во цврст снег заедно со шеќерот.
Потоа додајте ги жолчките една по една, па потоа маслото во тенок млаз, па млекото, и на крај со спора брзина изматете додека постепено го додавате брашното помешано со прашок за печење.
Може да користите и некој друг рецепт за тесто за колачи кој вам ви одговара. Колачот оставете целосно да се олади, па декорирајте со шлаг. / Сoolinarika.сom