За почеток подгответе си шолја од 200 мл или малку поголема ако сакате (со една иста шолја се мерат сите состојки). Јас применив еден совет за мафини кога го приготвив овој колач и ми се чини дека има ефект, а тоа е: сувите состојки да ги измешаме одвоено и сите влажни состојки одвоено.




На крај сите се соединуваат, така што влажните се истураат во сувите, полека се меша, не предолго (за да не се “изџвака” премногу), за да може колачот да бише што полесен и пуфкаст.




Суви состојки: 1 шолја гриз, 1 шолја мелени ореви, 4 лажици брашно, 1 шолја шеќер, 1 прашок за печиво, 4-5 кесички ванилин шеќер. Влажни состојки: 2 јајца, 1 шолја млеко, 1 шолја масло, 4 рендани јаболка. За глазура: 100 г чоколадо за готвење, 3 лажици масло




Постапка: Мал совет за јаболката кои сум го добила од поискусни домаќинки: не мора да се рендаат, туку да се сомелат во мултисечко, измиени, со извадени семки, а нелупени (ако не се прскани) – побрзо е, а ништо не пречи.




Значи, ги мешаме сувите состојки, па полека во нив, пред да го печеме колачот ги додаваме влажните, нежно промешуваме и излеваме во намастен и набрашнет плех или калап (за повисок колач се користи помал калап, за понизок – поголем). Се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час, но се испробува со чепкалка – да не се лепи.




За глазура: Чоколадото со маслото растопете го на пареа, а потоа рамномерно прелијте го врз колачот. Исечете го на коцки. Колачот се јаде и топол и ладен. Ако преживее да се олади, повкусен е таков. Прочитајте ја и верзијата на Бети, за истиот брз, сочен и вкусен колач:




Јаболков колач – „Измати и излеј” – Многу брз, сочен, вкусен, мерки на шолја. Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss) – Брз сочен колач со јаболка – Многу брз, лесен и вкусен кој како што и самиот наслов кажува, многу лесно се приготвува. Се состои од суви и влажни состојки, не можете да погрешите.




Потребни (суви) состојки: 1 шолја гриз, 1 шолја мелени ореви, 1 шолја шеќер, 4 лажици брашно, 1 прашок за печење, 1 лажица арома од ванила или 4 кесички ванила шеќер. Потребни (влажни) состојки: 1 шолја млеко, 1 шолја масло, 2 јајца, 4 рендани јаболка. За глазура: 100 г чоколадо (може и млечно), 50 г маргарин/путер.




Постапка: Самото име на колачот покажува колку е лесна постапката за негово подготвување. Измешајте ги сувите состојки во посебен сад, а посебно измешајте ги влажните состојки.

Потоа сувите состојки постепено додајте ги во влажните и убаво измешајте додека да се изедначи смесата. Добиената смеса излејте ја во тава бр.28 претходно намастена и набрашнета, и печете ја на 180-200 степени околу половина час.




За глазура: Растопете го чоколадото на пареа или на тивок оган заедно со маргаринот. Исечете го речиси изладениот колач на парчиња и прелијте го со глазурата. Колачот е едноставен за правење и многу сочен и вкусен за јадње. Уживајте! Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss)