Некои го нарекуваат „нугат“, некои „бела алва со бадеми“, но како и да е, ова е еден стар рецепт за многу вкусен десерт кој секогаш се подготвувал во нашето семејство за Велигден или Божиќ.




Самиот рецепт е едноставен и постапката е лесна и брза, единствено што ќе ви одземе време е лупењето на бадемите. Па, доколку не сте расположени за лупење, секогаш можете да купите готови, сирови излупени бадеми. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г бадеми, белка од 1 јајце, 125 г мед, 125 г шеќер во прав. Ова се 4 основни состојки за базата на овој колач. Наместо мед можете да користите некој сируп, а освен тоа може да додадете и некои јатки (ореви, лешници, кикирики…) и суво овошје по избор.




ПОСТАПКА: Ако имате сирови, нелупени бадеми, тогаш најпрво ќе треба да се излупат. Бадемите (200 г) ставете ги во едно тенџере и прелијте ги со вода. Од моментот на зовривање оставете ги да се варат 3 минути.




Потоа процедете ги и оставете ги да се оладат, а потоа започнете со лупењето кое е најдолго. Како што спомнавме претходно, можете да купите и излупени, но доколку се сомневате во индустриската постапка, тогаш најдобро е сами дома да ги излупите. Процесот е брз и лесен, лушпата буквално сама излегува.




Потоа истурете ги на сува тава и истостирајте ги. Загревајте ги на умерена температура со непрекинато мешање додека да испари влагата од нив и убаво да замирисаат. Внимавајте бадемите да не ви загорат, затоа мешајте и контролирајте го огнот. Кога се истостирани тргнете ги настрана и оставете ги да се оладат.




Во посебен сад одвојте белка од едно јајце, а жолчката сочувајте ја за нешто друго. Потоа пенасто изматете ја додека да добиете цврст снег. Во сува нелеплива тава ставете 125 мл мед или сируп со слична конзистенција и додајте 125 г шеќер во прав.




Добро измешајте за да се изедначат. Загревајте на многу тивка температура додека двете состојки да се инкорпорираат една во друга. Смесата не смее да зоврие, туку само да се загрее.




Потоа во неа започнете постепено да го додавате снегот од белки, лажица по лажица. Мешајте со шпатула, а потоа и со маталка, додека да се разбие снегот во смесата, па додајте го остатокот и повторно мешајте до целосно соединување.




На крај ќе дибиете мазна и густа белузлава смеса. Додајте ги истостираните бадеми, па промешајте додека да се изедначат состојките. Излејте во соодветен силиконски калап или калап претходно обложен со проѕирна-стреч фолија за да можете полесно да го извадите.




Распоредете рамномерно, израмнете и потчукнете го неколкупати калапот за да се израмни целата смеса и да пополнат празнините. Вашиот десерт е готов, само треба да го оставите во фрижидер да одмори 12 часа. Потоа отстранете го калапот, сечете на парчиња и послужете. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.