Италијанските бисквити се едни од омилените колачи кои секогаш се послужуваат кога ќе порачате кафе или чај во некој ресторан или кафуле. Овие колачиња кои имаат yникатен вкус се прават многу брзо и лесно. Покрај тоа, можат да стојат долго време, без да се расипат и остануваат подеднакво вкусни, како и првиот ден кога сте ги направиле. Исто така, многу се вкусни и кога ќе се оладат.




Рецептот го добив од стара пријателка со која учевме заедно во Италија и оттогаш постојано ги правам и често малата масичка во дневната соба ми е декорирана со овие бисквитчиња. Дечињата кога и да поминат покрај масичката, си каснуваат по едно колаче и секогаш имаат насмевка на лицето, од што им се вкусни. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 2 јајца, 130 г шеќер, прстофат сол, 70 г путер, рендана кора од портокал, 300 г брашно, 1 лажиче прашок за печиво, 60 г бадеми, 60 г сува брусница. Може да ставите и други јатки како ореви, кикирики, лешници или суво грозје… ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 200 г брашно, 85 г путер, 75 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 јајце, ½ лажичка прашок за печиво, 160 г сечкано чоколадо и 4 лажици рум.

ВТОР РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во еден подлабок сад скршете две јајца на собна температура и малку разматете ги со жица/маталка. Додајте 130 г шеќер и енергично измешајте додека да почне да се растопува во јајцата. Потоа, малку посолете, па додајте 70 г растопен путер и повторно соединете. За подобрување на вкусот на колачињата, изрендајте кора од портокал и додајте ја во смесата.




Издвојте си 300 г брашно и просејте половина во смесата од јајца, заедно со 1 лажичka прашок за печиво (половина кесичка или 5 г). Додајте ги бадемите и сувата брусница (се додава иста количина), па соединете сѐ заедно до изедначување.

Во колачињата може да додадете и други видови на јатки или суво овошје, како на пример ореви, лешници, кикирики суво грозје итн..Потоа додајте ја преостанатата половина просеано брашно и соединете во хомогена смеса, без грутчиња.




Замесете фино и меко тесто, кое всушност и не треба долго да се меси, доволно е додека да се соедини и да не се лепи под прстите. Откога ќе го замесите, тестото префрлете го на рамна, набрашнета површина и обликувајте го во подебел валјак. Валјакот поделете го на 5 еднакви делови и секој дел повторно обликувајте го во потенок валјак, со големина и дебелина како што е прикажано на сликата.




Вака подготвените стапчиња наредете ги плех, обложен со хартија за печење и малку оддалечете го секое стапче со соседното. Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20-тина минути, додека да побелат и сосем малку да потемнат. По печењето, оставете ги малку да се изладат, не ги сечете веднаш за да не ви се изронат. Потоа, пресечете ги во косина и послужете ги со чај или кафе.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Пенасто изматете го путерот заедно со шеќерот и ванилиниот шеќер. Додајте рум, па јајце и продолжете со матење. Потоа додајте брашно кое претходно сте го помешале со прашок за печиво. Промешајте убаво за да се соединат состојките. Додајте сечкано чоколадо, но него промешајте го со лажица.




Со раце обликувајте топчиња со величина на орев и редете ги во плех обложен со хартија. Топчињата редете ги на одредено растојание бидејќи при печењето малку ќе нараснат. Печете во претходно загреана рерна на 200 степени додека да бидат готови, околу 15 минути.

ВТОР РЕЦЕПТ

Се послужуваат топли или ладни, како сакате, но бидете сигурни дека брзо ќе се изедат. Од оваа смеса добивате 30 чајни колачиња. Јас користев чоколадо за готвење, но вие можете да го користите вашето омилено чоколадо, на пример чоколадо кое содржи лешници, млечно или какво и да сакате. Деталите за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ.