Телесниот херпес го предизвикува вирусот херпес зостер кој пак ги предизвикува овчите сипаници. Откако човекот заболел од вакви сипаници, вирусот станува латентен во клетките на спиналните нерви и може повторно да се активира во случај на повторно ослабување на имунолошкиот систем- при телесна или емоционална траума или тешка болест. Медицинската наука не знае зошто кај некои луѓе вирусот повторно се активира, а кај некои не.

СИМПТОМИ

-малку повисока температура, слабост, треска, мачнина

-чувство на отеченост, обично на едната страна на лицето или телото

-болки (често во градите) кои по неколку дена ги придружува чешање и боцкање на кожата и воспалена црвена егзема

-меурчиња исполнети со течност распоредени во групи или долги ленти

-длабока болка со печење или боцкање што може да биде постојана или повремена

НАРОДНА МЕДИЦИНА

Благопријатниот сок од билката чуваркуќа (Sempervivum tectorum) многу брзо ослободува од длабоката болка предизвикана од херпесот. Четири до пет меснати листови од чуваркуќа се пресекуваат по должина и се оставаат на чинија. Со сокот што ќе се насобере на чинијата се прават облоги кои се нанесуваат врз заболените места. Листовите може да се исцедат и во соковник. Веќе при првата употреба се чувствува смирување на болката.

Хербален екстракт за облога

25 г кора од даб

10 г бисерок (Alchemilla vulgaris)

10 г овес

10 г камилица

25 г жалфија

10 г коњска детелина (Melilotus officinalis)

Во еден литар ладна вода ставате четири супени лажици мешавина од измешаните билки и ја загревате до вриење. Се остава да отстои настрана од огнот 3 минути. Со млакиот екстракт внимателно се навлажнуваат заболените места. Остатоците од билките се завиткуваат во газа и претходно малку загреани се ставаат на болните места.

ЛЕКУВАЊЕ ДОМА

-Внимавајте кожата зафатена од херпес да биде чиста и сува, но и изложена на воздух (ако може да не е покриена со облека). Немојте да ги корнете или да ги отворате меурите. Дозволено е да се завитка местото со еластичен завој додека спиете.

-Во текот на денот на првите три или четири дена неколку часа на зафатеното место држете мраз, а потоа тргнете го на 5 минути. Ставете на кожата студени облоги натопени со алуминиум ацетат кој може да се купи в аптека како адстрингентен раствор, прашок или шумливи таблетки.

-За да ги направите помалку чувствителни нервните завршетоци, здробете две таблетки ацетилсалицилна киселина и помешајте ги со две лажички алкохол па добиената смеса нанесувајте ја на кожата трипати на ден. Ако се јави чешање употребете смеса од 78 проценти цинк-лосион, 20 % алкохол, 1% фенол и 1% ментол.

Оваа смеса се нанесува се’ додека меурите не се преобразат во красти. Чешањето се намалува и со често нанесување на масло со витамин Е, желатин од алое или ситно сечкан свеж праз. Местото на кое кожата се трие од облеката може да се напрска со колоиден прашок од зобно брашно.