ХАЛКА ТУЛУМБИ…Многу вкусни шербетни колачи со гриз без јајца…

Рецептот го добив од мој пријател кој е познат слаткар и има сопствена слаткарница. Ова се вид на тулумби од тесто со гриз и без јајца, аимаат форма на потковица. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (се мери со чаша од 200 мл):

За тесто:
1,5 чаши гриз
1 чаша врело млеко
1/2 филџан (за кафе) масло
2 супени рамни лажици шеќер
1/2 мала лажичка квасец
помалку од половина чаша (1/3) брашно
1 прстофат сол

За шербет:
2 чаши шеќер
2 чаши вода
5-6 капки сок од лимон

ПОСТАПКА:

1.Прво се подготвува шербетот за да има време да се олади. Во тенџере помешајте ги шеќерот и водата.

Кога ќе почне да врие, додајте сок од лимон и варете уште 20 минути на тивок оган. Кога сирупот ќе се згусне, исклучете го шпоретот и оставете го да се излади.

2.За тесто: во садот за месење сипете гриз и попарете го со врело млеко. Промешајте, поклопете и оставете да набабри околу 10 минути.

3.Потоа додајте го маслото.

Па шеќерот, квасецот, брашното и солта и убаво промешајте. Треба да добиете мазно и малку влажно тесто, но не лепливо.

4.Поклопете го тестото и оставете да ферментира половина час, па повторно промешајте го. Ова тесто не се меси со рака, доволно е да се промеша со лажица или шпатула.

5.Наполнете ја готварската кеса со подготвеното тесто на чиј крај има широк ѕвездест продолжеток за тулумби или шлаг.

6.Во широка тава сипете длабоко масло и истискувајте го тестото во ладното масло во форма на потковица.

Потоа ставете го на шпорет на средно умерена температура и пржете. Не ги вртите тулумбите додека не се заруменат од долната страна.

7.Кога ќе ги превртите пржете уште некоја минута, да заруменат рамномерно од двете страни, па ведете ги и веднаш потопувајте ги во ладниот шербет.

Превртете ги од сите страни за рамномерно да се натопат, па оставете ги да отстојат 7-8 минути. Извадете ги од шербетот и ставете ги во друг сад.

Со лажица земете дел од шербетот и преливајте ги тулумбите. Постапката погледнете ја ОВДЕ.