Хачапури е традиционално грузиско јадење, тесто со сирење кое најчесто се продава во рестораните за брза храна. Во грузиските региони постојат различни варијанти кои се разликуваат по облик, но и по состојки, па така на пр.ачарули хачапури има облик на кајче со додаток на јајца, имерули хачапури има кружен облик итн.
Потребни состојки: 100 мл топло млеко, 100 мл топла вода, 1 лажичка сув квасец (5 г), 1 лажичка шеќер, 2-3 лажици масло (30 мл), 300 г просеано брашно и ½ лажичка сол. За фил: 150 г рендан кашкавал, 150 г рендана моцарела, ½ лажичка сол, 50 мл млеко, јајце за премачкување, малку путер за крај и 2 јајца за двете хачапури
Постапка: Во еден сад ставете 300 г брашно, една лажичка сув квасец, половина лажичка сол, една лажичка шеќер, 100 мл млака вода и 100 мл млако млеко.
Замесете ги убаво состојките додека да добиете средно меко тесто кое не се лепи. Покријте го со крпа и оставете го на топло место да одмори 15 минути.
Потоа во тестото додадете 30 мл маслиново или сончогледово масло и размесете го убаво. Кога ќе стане мазно, покријте го со проѕирна фолија и оставете го 40 минути да стасува додека да се удвои.
Во меѓувреме пригответе го филот. Доколку немате моцарела, употребете 300 г кашкавал, или пак мешавина од свежо сирење и кашкавал, па измешајте го со 50 мл млеко и половина лажичка сол.
Стасаното тесто размесете го на набрашнета површина и поделете го на два дела. Од секој дел формирајте топка која потоа со дланките ќе ја развлечете во тркалезна кора со величина на поголема чинија.
Од двете страни на кората како полумесечинки наредете од филот на краевите, а потоа преклопете со кората формирајќи витки од двете страни. На тој начин ќе формирате форма на кајче.
Средината на кајчето исполнете го со фил. Краевите (витките) премачкајте ги со изматено јајце. Вака приготвените хачапури оставете ги некое време да стасаат додека се загрева рерната, па ставете ги да се печат на 220 степени околу 15-20 минути.
Во секоја хачапура ставете по едно живо јајце, па вратете ги во рерна уште неколку минути за да се запече јајцето. Извадете ги по вторпат, па ставете по две мали лажички путер од двете страни на “кајчето” и оставете да се растопи.
Хачапурите послужете ги топли. Деталите од постапката можете да ја погледнете во видеото: