Сос од домати кој е толку вкусен, а толку едноставен за приготвување и не одзема многу време, за неколку минути работа и сосот е готов. Ќе ви бидат потребни неколку состојки, а преку цела зима ќе се сладите во прекрасниот сос.
Овој доматен сос можете да го користите како додаток на разни јадења, за пица, за шпагети и како намаз-салата. Не содржи никакви конзерванси и нема потреба од пастеризација. Чувајте ги теглите на ладно и темно место, а после отворање, теглата чувајте ја во фрижидер до две седмици.
Потребни состојки: 1,5 кг домати, 600 г црвени пиперки, 1 главица лук, 1 китка свеж магдонос, малку свеж босилек, на врв лажичка мелен црн пипер, 1 супена лажица сол, 1 супена лажица шеќер
Постапка: ако имате своја бавча или градина, би било идеално потребните намирници да си ги наберете и веднаш да ја приготвите оваа вкусна зимница. Во спротивно, при купувањето одберете, зрели, но цврсти и здрави плодови.
Најпрво убаво измијте го доматот со ладна вода, па отстранете ги тврдите делови и исечете го на четвртини. Може да додадете и шери доматчиња доколку имате. Потоа исчистете една поголема главица лук.
Доколку чешнињата се поголеми, сечкајте ги на половина, а доколку се малечки, тогаш може да ги ставате и цели. Лукот додајте го во сечканиот домат. Потоа употребете го блендерот.
Постепено додавајте ја мешавината од домати и лук во блендерот и миксајте додека да добиете изедначена смеса. Густиот сок од домати истурајте го во едно широко тенџере. Ринглата вклучете ја на најсилно, а кога ќе почне да врие намалете ја температурата.
За тоа време измијте ги пиперките со ладна вода, па исчистете ги и пиперките од дршките и семето, па исечете ги на поситни парчиња. Повторно ќе ви биде потребен блендер или сечко да се сомелат и пиперките.
Густата смеса од мелени пиперки додајте ја во доматното пире кое полека веќе започнало да врие. Пиперката ќе му даде густина на доматниот сос и дополнително ќе го збогати вкусот.
Доматниот сос потребно е да се готви со повремено мешање, околу 40 минути до еден час. Пред крај исечкајте го свежиот магдонос и ставете го во блендер. Додајте го и свежиот босилек.
Смелените зачини додајте ги во веќе зготвениот доматен сос и продолжете со готвење уште пет минути колку да се испуштат аромите на билките. На крај додајте малку црн пипер, по една супена лажица шеќер и сол.
Промешајте и вкусете, па по потреба додајте сол по вкус. Врелиот сос складирајте го во стерилизирани топли тегли и веднаш затворајте ги теглите и превртете ги за да се вакумираат. Вака оставете ги да се оладат. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.