Ова е основната верзија за сокот кој веќе со години го приготвувам. Овошјето го менувам во зависност од сезоната. Може да се комбинира со кајсии, праски, круши, дуњи…
Секој од овие сокови е вкусен, а по вкус и изглед потсетуваат на скапите фруктал-сокови.
Сепак овие се домашно приготвени сокови и точно знаете што и колку содржат, колку шеќер сте ставиле и нормално, без конзерванс. Уште ако имате свое домашно, непрскано овошје – полн погодок!
Потребни состојки:
Околу 5 кг исчистени и излупени јаболка (или овошје според сезоната или компинација по вкус)
0,5-1 кг моркови (морков ставам само кога приготвувам сок од јаболка, круши, дуњи, поради бојата)
1,5 кг шеќер (може интегрален или ксилотол)
лимонска киселина
вода
Постапка:
Овошјето исчистете го и ставете го да се готви. Вода ставете колку да се прекрие овошјето.
Истото направете го и со морковот. Морковот го варам посебно бидејќи му е потребно подолго време за да се свари.
Свареното овошје оставете го да излади, а може да додадете и ладна вода за да го скратите процесот.
Кога доволно ќе излади ставете го во блендер или соковник, па добро измиксајте. Измерете колку сте добиле течност (овошје и вода во која се готвеше), па додајте уште вода за да добиете приближно 19-20 литри сок.
Сипете 1,5 кг шеќер и околу 80 г лимонска киселина. Мешајте и пробајте дали ви одговара вкусот, бидејќи секое овошје не е еднакво слатко/кисело.
Ставете на оган да зоврие еден клуч, а пената не мора да ја собирате. Во меѓувреме измијте ги шишињата, стерилизирајте ги во врела рерна и пригответе чепови/затворачи.
Врелиот сок собирајте го во врели шишиња, затворајте ги и оставете ги затоплени додека да се оладат.
Таквиот сок иако нема многу шеќер и конзерванси, може да се сочува со месеци без расипување.