Имате две верзии, со ореви или без ореви (посни), а вие одберете која повеќе ви одговара
ГУРАБИИ СО ОРЕВИ – Потребни состојки: 100 г ореви, 180 г брашно, ½ лажичка прашок за печиво, ¼ лажичка сол, 113 г несолен путер, 60 г шеќер во прав, 1 жолчка, 1 лажица бренди, 1 лажичка екстракт од ванила, 1-2 лажици вода од цвет од портокал (за да добијат мирис после печењето, не мора) и 80 г шеќер во прав за наросување
Постапка: Во сува тава ставете ги оревите малку да се потпечат, колку да замирисаат. Оставете ги на страна да изладат. Исечкајте речиси половина од оревите да се исполни ½ чаша, а останатите сомелете ги. Измешајте брашно, прашок за печиво, сол и ореви. Оставете на страна.
Во длабок сад, со миксер (на средна брзина) добро изматете го омекнатиот путер, шеќер, жолчка, бренди и ванила, така да добиете светла, мазна смеса. Матете околу 10 минути. Намалете ја брзината на миксерот и додадете ја мешавината со ореви.
Ќе добиете тесто кое се рони. Покријте го садот со проѕирна фолија и оставете тестото да одмора на собна температура еден час.
Потоа вклучете ја рерната на 180 степени и оставете добро да се загрее. Од тестото обликувајте топчиња или кифлички, редете ги во плех обложен со хартија за печење и печете ги додека да почнат да фаќаат малку боичка, околу 18 минути.
Печените гурабии уште додека се топли испрскајте ги со водичка од цвет од портокал, за да добијат цветен мирис. Може да користите и ружина водичка, но може и без неа. Додека се топли валкајте ги во шеќер во прав и оставете да изладат.
ГУРАБИИ БЕЗ ОРЕВИ – Потребни состојки: 250 путер/марганин на собна температура, ½ чаша сончогледово масло (и малку повеќе од половина), 1 чаша шеќер во прав, ½ чаша нишесте, 1 ванилин шеќер, 4 чаши брашно (смесата не треба да лепи за раце), ½ прашок за печиво
За мерење се користи една чаша од 200 мл. Најдов оригинален турски рецепт во кој се става една чаша брашно, 2 чаши нишесте, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер, 5 супени лажици шеќер во прав, 250 г путер и малку масло, но се’ уште не сум го испробала.
Од овој рецепт гурабиите би требало да излезат снежно бели. И овие се бели, но не се толку снежно бели : – ) Постапка: Во подлабок сад измешајте путер и масло. Додадете шеќер во прав и продолжете да мешате.
Додадете нишесте, ванилин шеќер и прашок за печиво. Полека додавајте брашно и месете со рака додека да добиете фина, мазна смеса која не лепи на рака (по потреба додадете уште брашно).
Од смесата вадете и со дланките формирајте топчиња со величина на орев и малку само притиснете ги одозгора.
Редете ги во тепсија обложена со хартија и печете ги во претходно загреана рерна на 160-170 степени околу 20 минути. Внимавајте гурабиите да ви останат бели. Можеби ќе ви се чинат меки, но оставете ги да изладат и сами ќе се стврднат. Потоа наросете ги со шеќер во прав.