Гулашот приготвен од свински врат е многу повкусен отколку ако се приготвува од бут или плешка. Месото е порастресено и попрошарано со тенки слоеви маснотија, која во текот на готвењето се топи, а на гулашот му дава побогат вкус.
Потребни состојки: 1,5 кг свинско месо од врат со коска, 700 г кромид, 1 полна лажица црвен мелен пипер, ½ лажичка црн пипер, 1 лажица сув зачин, ½ лажичка сол, неколку листови ловоров лист и магдонос
Постапка: кромидот исечкајте го или сомелете го, но не премногу, да не добиете каша, туку да има ситни парчиња. На кромидот додајте лажица сув зачин и 2 чаши вода, па ставете на оган да се свари.
Кога ќе проврие намалете ја температурата на умерено, на еден агол од тенџерето ставете дрвена лажица и поклопете со капак (да остане малку простор за да може пареата да излегува надвор).
Додека кромидот се динста откостете го месото па исечете го на коцки. После 10-15 минути динстање, на кромидот додајте му го месото, долејте вода да биде 2 прста над месото, па на умерен оган гответе околу еден час. Повремено промешувајте и долевајте вода по потреба.
Подобро е да има помалку вода, па ако има потреба ќе додадете уште малку пред крај. После еден час додајте црвен пипер, црн пипер, ловоров лист, магдонос, малку вода ако е потребно и оставете полека да крчка на тивок до умерен оган.
Вкупно време на готвење на гулашот е околу 2 часа, во зависност од староста на месото. Пред крај пробајте, па ако е потребно досолете. Топлиот гулаш послужете го со тестенини, палента или њоки.