Станува збор за многу необична комбинација за која сите ќе ви бараат рецепт бидејќи ретко кој ја пробал. Се подготвува многу брзо и едноставно со само неколку состојки. Ова е витаминска туршија која е повеќе позната кај постарите.
Освен класичната туршија која се подготвува со зеленчук и солило, ова е малку почудна комбинација бидејќи има благ и лут вкус од грозјето и пиперките. Секако на почетокот може да си подготвите 1-2 тегли за да ја пробате зимницата, а по потреба правете уште или само додавајте од состојките во течноста како што ќе трошите.
Потребни состојки: 1 кг пиперки, една голема чинија грозје (нема конкретна количина), 2 лажици сол, 2 лажици шеќер, 1,5 литри вода, 500 мл бел оцет.
Постапка: Може да користите разни видови на пиперки, од лути до благи, а јас ставив и од малите-чили кои што се многу лути. Пиперките се чистат од петелката и семките бидејќи предизвикуваат горчина.
Исто така и грозјето добро се мие и се вадат дршките. Земете ги стерилизираните тегли и почнете да ги полните со еден ред пиперки и еден ред грозје додека ги наполните до горе, оставајќи 1 прст во теглата.
Во поголемо тенџере ставете вода, додајте ја солта, шеќерот и оцетот. Оставете да зоврие и да вари уште 10 минути на средна температура со повремено мешање на течноста. Јас користам кафеав шеќер, а може да користите и бел.
Полнете ги теглите со течноста, а на крајот ставете им мрежа за да ги потисне добро. Затворајте ги теглите со соодветниот капак и оставете ги на темно и суво место да отстојат неколку дена додека почне туршијата да се скиселува.
Потоа може да почнете да ја консумирате салатата која изобилува со многу витамини, а во течноста може да додавате уште грозје и пиперки. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.
Прочитајте го и следниот рецепт за овошна туршија. Потребни состојки: 5 кг диви јаболка, 5 кг диви круши, 3 кг шипинки, 5 кг мушмула, 4 дуњи, 1 кг суви сливи, 200 г смрекинки, 50 литри вода.
Освен наведеното овошје можете да ставете било каков друго есенско овошје како трнинки, дренки и слично. Сите плодови убаво измијте ги и исчистете ги, па ставете ги во буре кое ќе го користите исклучиво само за оваа намена.
Овошјето обично се бере и се става во текот на неколку седмици, почнувајќи од октомври па до ноември, во зависност од сезоната на поединото овошје. Потоа се прелива со вода и се потиснува со пластична мрежичка-потисок, исто како за кисела зелка.
Се затвора со капакот и се остава да отстои додека да созрее околу 35-40 дена, со повремено проверување дали овошјето е потиснато, дали мрежата е на место, а може да додавате и овошје кое не сте го додале на почетокот итн.
После овој период на зреење, се точи од овошната вода по потреба, се процедува и се засладува по желба со мед. Колку вода сте одлиле, треба толку да додадете, па така имате постојано овошна вода, речиси не се менува ниту по вкус, ниту по квалитет сè до пролетта, следната година. Ако дневно излевате по 1,5 литар течност, исто толку треба да додадете.