Понекогаш подолго време поминувате во планирање околу подготвките и смислувањето на јадењата со кои сакате да ги пречекате гостите, отколку во нивното готвење. Особено кога станува збор за некои драги гости, сакате да ги изненадите со некое оригинално јадење.




Па, доколку навистина сакате да оставите впечаток со трпезата, тогаш овие компири се вистинскиот избор. Првото нешто што на сите гости им паѓа во очи е сервирањето. Златните врвови на компирите што штрчат од вкусниот сос никого не го оставиле рамнодушен.




Кога еднаш ќе го пробате ова јадење, ќе станете негов посветен обожавател. Пикантната тепсија од компири во сос од кашкавал ќе ви стане врв на секоја забава или семејна вечера. Дури, толку многу е декоративна, што многумина мислат дека е пита. еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 кг компири, 3 лажици масло, 1 лажичка црвен пипер во прав, 1 лажичка сол. За сос: 50 г путер, 50 г брашно, 500 мл млеко, 85 г крем сирење (може и кисела павлака), 1 супена лажица доматно пире (или кечап), 1-2 мали ситно исечкани лути пиперчиња, 120 г рендан кашкавал + 60 г кашкавал.




ПОСТАПКА: Компирите измијте ги под млаз ладна вода и исечете ги на долгнавести парчиња, како за помфрит или малку подебели. Ако компирот е млад, тогаш нема потреба да го лупите, само добро измијте го. Исечените компири ставете ги во тенџере со вода и откако ќе зовријат варете ги 2-3 минути.




Потоа компирите исцедете ги и истурете ги во нелеплив плех за печење (или обложен со хартија. Зачинете ги со три супени лажици масло (или по потреба), 1 мала лажичка зачинска црвена пиперка во прав и 1 лажичка сол.

Промешајте за да се распоредат зачините и ставете да се печат во загреана рерна на 220 степени, 30-тина минути. Кога ќе се испечат оставете да се подизладат, додека го приготвувате сосот.




Мало парче путер (40-50 г) ставете во тенџере да се растопува на умерена температура. Потоа додајте исто толку сенаменско брашно, па енергично мешајте додека да се соедини и впие во путерот.

Започнете постепено да го додавате млекото, малку по малку, и варете неколку минути со непрекинато мешање додека целото млеко да се раствори.

Додајте 85 г крем сирење или кисела павлака, промешајте и додајте ги една по една останатите состојки: 1 супена лажица доматно пире (или кечап), 1-2 мали ситно исечкани лути пиперчиња и 120 г рендан кашкавал.




Кога и кашкавалот ќе се растопи, вкусниот сос е готов, па тргнете го настрана. Земете огноотпорен сад (обложете го со хартија за печење), па на дното наросете 60 г рендан кашкавал. Започнете со редење на компирите отпочнувајќи од ѕидовите на садот. Редете ги исправено со острите врвови нагоре.

Наредените печени компири одозгора прелијте ги со подготвениот сос, а одозгора уште малку наросете рендан кашкавал или пармезан (половина рака) и малку сечкана лута пиперка, па ставете да се потпече во загреана рерна на 190 степени, 15 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.