Овој човек и самиот страдал од ‘рбетот и лежел неподвижен. А тогаш сонил необичен сон, во кој татко му му порачал да се обеси за нозете ако сака да оздрави.
Живорад Шупиќ (80) од Крагуевац изумил направа со која ги „беси“ луѓето наопаку на плафонот во родната куќа и со тоа, како што вели, им помага при различни болести на ’рбетот.
Тој објаснува дека справата ја креирал откако и самиот речиси ќе останел неподвижен и откако, лежејќи со денови во кревет, го сонувал својот покоен татко. Овој во сонот му порачал – обеси се за нозе и ќе оздравиш!
Овој старец има свое објаснување: Целиот свој живот човекот седи, оди или нешто работи, но во таа положба Земјината тежа ги влече неговите прешлени надолу, а единствено кога виси „наопаку“, ’рбетот се наместува во спротивна насока од досегашната.
Направата на Живорад Шупиќ се состои од два пара стегачи за зглобовите на стапалата, каде што се ставаат нозете. Од тие стегачи на секое стапало се прицврстени јажиња, па така секој може сам да си ги повлекува јажињата со свои раце и на тој начин да ги подигне нозете кон плафонот.
-Вака секој сам себе може да се подигне во положба со стапалата кон плафонот, а со лицето кон подот. Во оваа положба можете да останете додека лицето да се вцрвени, што значи дека крвта се симала во глава – објаснува Живорад.
-Додека „клиентот“ е во таа положба треба да се движи со колковите лево и десно, како да се ’фрцка’. Тоа е добро за прешлените.
Мислам дека со оваа направа можам најмногу да помогнам кај дискус хернија, кога дикусот е изместен од просторот помеѓу прешлените.
Тој дискус има улога да ја амортизира кичмата при движење. Кога тој ќе се приклешти или повреди, ете проблеми и болки! – вели Живорад.
Овој човек раскажува дека личната мака, пред околу четири децении, го натерала да ја направи оваа справа.
-Тогаш живеев во Косово. Подигнав големо тркало од трактор, се вкочанив и паднав преку него. Болката која следеше следните денови беше неподнослива – како да ме сечеа со жилет по кичмата.
Кога и да успеав да заспијам од лековите, го сонував истото. Во сонот ми доаѓаше покојниот татко и ми велеше: Обеси се за нозе и така ќе оздравиш! – раскажува Живорад.
Еден ден ги повикав соседите и ги натерав да ме „обесат“.
-Ме врзаа за нозете, па од горниот кат ме спуштија да висам. Во таа положба малку се придвижив лево – десно, па им реков полека да ме спуштат. Болките се намалија.
Го направив истото уште неколку пати и болката целосно исчезна. Кога застанав на нозе, мојата направа веќе постоеше во мојата глава. Се фатив за работа и ја направив – сведочи старецот.
Овој машинобравар вели дека неговата справа нуди можност секој да ја контролира должината и начинот на третманот, како што тој вели, можеби најважната предност на овој изум. Живорад тврди дека неговата справа ја испробале и многу лекари на кои исто така, им помогнала.
-Тие не сакаа да ги видат други луѓе, па кришум доаѓаа и ги примав кога немаше никој, главно навечер. Автомобилите ги паркираат зад куѓата, па доаѓаат кај мене.
Сум „бесел“ стотици доктори, од Косово Поле до Сомбор, и ниеден од нив не се пожалил. А и зошто би се жалеле? Ова не е баење туку механика и елементарно познавање на рбетот – тврди Живорад.
За да ја научи физиологијата на рбетот, овој машинобравар –секојпат кога наесен ќе колеле свиња, го одвојувал рбетот од свињата и посебно го варел.
-Го одвојувам месото за да остане само кичмениот столб. Тогаш ги земам прешлен по прешлен, ги расклопувам за да видам каде е рбетниот мозок и што тоа прешлените притискаат кога се јавуваат болки во грбот – ги објаснува Живорад своите часови пракса по медицина.
Овој старец вели дека илјада луѓе ги „бесел“ и лекувал. Кога станува збор за професии, најмногу му се обраќале железничари, рудари и секретарки. Најлоши пациенти ми се фамилијата и пријателите. Сè нешто прашуваат, се плашат и се двоумат – вели старецот.
Откако младата соседка нешто ја заболело „меѓу плешките“, Живорад направил нов изум. Станува збор за направа која се состои од каиши кои главата ја држат како кацига.
За врвот е закачена на кука која исто така се закачува за плафонот. Живорад тврди дека висејќи од плафонот, со главата фиксирана на каишите и полека опуштајќи ги нозете, пациентот ги растегнува прешлените на вратот и се ослободува од болката.