Кај народот постојат разноразни верувања и суеверија поврзани со оваа појава:

-Дека на Духовден не смееш да се бањаш, во спротивно ќе ти се појави мртва коска следниот ден;
-Да се протриеш или да се погалиш со раката на мртовец;
-Да земеш камче од непознат гроб и да се протриеш;
-Да врзеш метална паричка врз мртвата коска и да се стегнеш со завој, па за неколку дена исчезнува.

Ова последното според искуствата има позитивни резултати, од практична причина што, доколку станува збор за циста, таа од притисокот се ресорбира и исчезнува.

Најчесто овој проблем се решава оперативно, но искуствата велат дека цистата повторно се јавува и тоа на истото место каде била и првиот пат.

Дали вие имате некакво искуство со мртва коска, на кој дел од телото ви се појави и на кој начин го решивте проблемот? – Ве молиме да напишете во коментар.

Во продолжение прочитајте повеќе за причините и лекувањето на “мртвата коска”.

Ганглион циста (или мртва коска – кај народот) е циста која настанува од ткивото кое ги обложува зглобовите и тетивите. Најчесто се јавува на рачниот зглоб, но може да се создаде и на други места, на пример на колената, скочните зглобови или стапалата.

Станува збор за бенигна творба која обично не предизвикува проблеми, но понекогаш може да активира други симптоми или да биде знак за ран артритис.

ПРИЧИНА ЗА ПОЈАВА НА ГАНГЛИОН ЦИСТА

Причината за појава на ганглион циста досега е непозната, иако е познат механизмот за нејзиното создавање. Станува збор за прекумерно собирање на инаку неопходната синовијална течност, течноста која ги подмачкува зглобовите и тетивите со што го олеснуваат движењето и го намалуваат триењето кое може да доведе до оштетување на зглобните структури.

Се претпоставува дека до претерано трупање на синовија доаѓа поради микротрауми во областа на зглобот или повторување на одредено движење, што често се среќава во одредени занимања.

Ганглионите често се јавуваат кај лица кои боледуваат од артритис.

Насобирањето на синовијална течност околу зглобот создава тркалезна ганглион циста поврзана со мала петелка за тетивата или зглобот, и која постепено расте. Понекогаш ганглионот може да остане незабележан, но на рачните зглобови често е испакнат и се манифестира како необичен и непријатен израсток на кожата.

Ганглион цистата обично е изолирана појава, односно се создава само на едно место, во 65% од случаите на рачниот зглоб. Најчесто се појавуваат кај лица на возраст од 20 до 50 години, трипати почесто кај жените отколку кај мажите.

СИМПТОМИ

Најчесто цистата се манифестора само како видлив оток на зглобот, но понекогаш може да причини и други симптоми:

-Болка во пределот на цистата
-Трпнење во шаката и стапалото
-Намалена подвижност во зглобот
-Чувство на затегнатост, обично во пределот на потколеницата кога станува збор за т.н. Бакерова циста

Понекогаш ганглион цистата не е видлива, а предизвикува болка при движење, најчесто при истегнување на рацете, па затоа потребно е да се сними зглобот за да може точно да се утврди дијагнозата.

ГАНГЛИОН НА ШАКА

Иако може да се појави на различни места по раката, најчесто ганглионот се создава на горната страна од рачниот зглоб. Често се развива и на дното од дланката, како и помеѓу прстите.

Ганглионот на рачните зглобови најчесто ги погодува жените, помлади спортисти кои вршат одреден притисок на зглобот, како и кај луѓе кои тоа го прават во текот на работата. Одморот на зафатениот зглоб со текот на времето може да ја намали величината на ганглиониот.

Ганглионите кои се создаваат на зглобовите од прстите најчесто се поврзани со артритис, па според тоа се јавуваат кај повозрасни луѓе.

ГАНГЛИОН НА НОЗЕ

Цистата обично се формира на скочниот зглоб или на стапалото. Често се развива кај лица кои поради природата на работата или спортот вршат голем притисок на тие места, па се претпоставува дека повредите или траумите на зглобот и стапалата се причина за појава на ганглион.

И овој облик на ганглион почесто се јавува кај жените и помлади лица.

ГАНГЛИОН КАЈ ДЕЦА

Кај многу мали деца тешко е да се забележи оваа цистична творба. Најчесто се забележува кај деца на возвраст од 2 години, а причините може да бидат генетски или од околината.

Сепак станува збор за генетски болести, како што се:

-Турнеров синдром
-Ноонанов синдром (намалено лачење на тестостерон кај машки деца)
-Трисомија на хромозом (Даунов синдром, Едвардс-ов синдром или Патау-ов синдром).

Надворешни влијанија кои може да причинат создавање на ганглион кај деца се зараза со вирус, изложеност на фетусот на алкохол, цигари или дроги во текот на бременоста.

ЛЕКУВАЊЕ:

Ако не предизвикува болка и други непријатни симптоми, ганглионот не е потребно да се лекува. Сепак, ако ганглионот претставува естетски проблем, пациентот може да инсистира на лекување.

Ганглионот понекогаш може самостојно да се повлече или спонтано да пукне и да исчезне.

Во народната медицина се лекувало со удирање со тап предмет за да пукне, но тоа денес строго се забранува бидејќи може да доведе до опасни воспаленија и повреди.

Полесните појави на ганглион може да се лекуваат со имобилизација, односно фиксирање на зглобот исто како при истегнување. Овој третман не е секогаш успешен.

Затоа лекарите ганглионот го лекуваат со аспирација, односно извлекување на насобраната течност со медицински шприц. Истовремено со инјекцијата се вбризгува лек на база на кортикостероиди за да се спречи воспаление. Закрепнувањето вклучува мирување кое трае неколку денови.

Меѓутоа, ако дојде до рецидив, односно повторна појава на ганглион, се одбегнува повторна аспирација и вбризгување на кортикостеориди поради нивните можни нуспојави, како што е депигментација и атрофија на кожата.

Затоа понекогаш е неизбежен хируршки зафат. Помалите ганглиони може да се оперираат ендоскопски, односно низ две мали дупчиња-засеци на кожата, при што низ едното дупче се воведува камера, а низ дугото оперативен инструмент со кој се отстранува ганглионот.

Кај поголемите или комплицираните ганглиони потребен е класичен хируршки засек со големина од неколку центиметри за прецизно отстранување. После хируршкиот зафат потребно е оперираниот зглоб да одмора 7-10 дена, а лекарот може да препише антибиотици за да се спречи инфекција.

УСПЕШНОСТ

Отстранувањето на ганглионот со шприц, односно аспирацијата е успешна во околу 70% од случаите. Меѓутоа, неретко ганглионот рецидивира во следните неколку години.

Нешто посигурно е хируршкото отстранување на ганглионот со успешност од 70 до 85%. После операцијата, во нешто повеќе од 10% од случаите доаѓа до повторна појава на ганглионот.

Иако многу ретко, после хируршкото отстранување на ганглионот може да дојде до пореметување на функционалноста на зглобот.

ПРИРОДНО ЛЕКУВАЊЕ

Првенствено е потребно да се намали притисокот на заболените зглобови, да се носи угодна облека и обувки и да се одмора, за да се спречи раст на ганглион.

Ставање на топли облози неколку пати во денот по 10-тина минути, може да ја поттикне циркулацијата, а со тоа да се направи дренажа на синовијалната течност со што може да се олеснат тегобите предизвикани од ганглион.

Ганглионот може да се обидете да го лекувате и со горчива сол: заболеното место потопете го на 20-тина минути во топла бања во која сте раствориле 1 голема лажица горчлива сол. Потребно е ова да се повторува неколку дена по ред, за да почувствувате резултати.

Може да помогне и третирање на ганглионот со нанесување на маст од ехинацеа врз отокот, неколку пати дневно, за што се смета дека го стимулира имунолошкиот систем и ги намалува локалните воспаленија.

Маслото од темјан исто така може да се искористи за ублажување на симптомите од ганглион, така што неколку пати ќе се нанесе на топла облога која потоа се завиткува околу отокот и се остава 10-тина минути. Потребно е постапката да се повторува секој ден во текот на неколку седмици.