Доктор Драган Миловиќ, физијатар објаснува дека за болките предизвикани од ишијас, никогаш не треба да се користат топли гелови. Повеќе од 40% од населението со текот на годините добива некои од видовите болка во грбот, а околу 90% веќе се соочиле со костоболка барем еднаш во животот.
Дали станува збор за вратниот дел (цервикален) од ‘рбетот, или долниот, лумбален дел од грбот, или пак станува збор за болка во рамото, лактот, глуждот, коленото… едно им е заедничко, а тоа е дека болките се упорни и непријатни.
Покрај стандардните лекови кои ги препишува лекар физијатар, за ублажување на болките во терапијата се користат и гелови или масти кои можат да бидат топли, односно загревачки и ладни, изладувачки.
Меѓутоа, праксата покажува дека луѓето не се запознати и не знаат кој гел или маст треба да го користат, доколку самиот доктор тоа не им го посочи или напомене. Во употреба се главно препаратите во облик на гелови.
ДВА ВИДА ГЕЛОВИ – Постојат два вида гелови и тоа црвен, кој што е топол, загревачки и плав, а понекогаш може да биде и зелен или безбоен, кој е ладен гел. Многу е важно да знаете кога се користи едниот, а кога другиот, бидејќи изборот за погрешен гел, за одредена состојба, може да ја влоши постоечката состојба.
Ладните гелови, исто како што се користи мразот во криотерапија, се користат за акутни состојби, додека топлите гелови се користат за хронични состојби. Ова е општо правило – објаснува д-р Драган Миловиќ, физијатар.
Но, секако, самата состојба бара детален преглед од доктор физијатар, за да може да се оцени точната терапија според која ќе се одреди и видот на гелот кој ќе се користи во лекувањето.
КОГА СЕ КОРИСТИ ЛАДЕН ГЕЛ – Кога ќе дојде до повреда на зглоб, тетиви, мускули и слични повреди, секогаш се користат ладни гелови. Ладниот гел помага да се намали болката во коскено-зглобниот систем.
Ладната облога, односно ладниот гел помагаат да се олади свежата повреда и на тој начин го релаксира местото. Ова особено се однесува кога станува збор за исчашувања, шинувања, истегнување на мускули, повреди кои најчесто се среќаваат кај спортистите, но не се поштедени ниту другите луѓе – вели д-р Миловиќ за Е-клиника.
Доколку ве боли вратниот дел од ‘рбетот, односно цервикалниот дел, д-р Миловиќ советува ладен гел кој треба нежно да се вмасира на болното место.
КАЈ ИШИЈАС РЕЧИСИ СИТЕ ГРЕШАТ – Кога некој ќе добие болки во долниот дел од грбот, односно го ма-чи ишијас, често посегнува по топлите гелови за да го згрее тоа место. А тоа е погрешно. Кај ишијас секогаш се користи ладен гел за да го релаксира болното место – дополнува физијатарот.
КОГА СЕ КОРИСТИ ТОПОЛ ГЕЛ – Топлите гелови се користат кај хронични состојби, болки кои се присутни долго после некоја повреда, фрак-тура или некоја дегенерација на коскено-зглобниот систем.
Овие гелови се користат исклучиво кај мирни состојби, кога нема воспаление. Општото правило е да се користат во подготвителниот дел кај спортистите пред некоја физичка активност. Нивната улога е да ги загреат мускулите и тетивите, така што ќе ја подобрат циркулацијата, дополнително со лесната масажа – вели д-р Миловиќ.
СОВЕТ – Погрешниот избор на гел може само да ја влоши постоечката состојба. Затоа е најдобро претходно да се посоветувате со вашиот лекар, кој ќе процени кој гел најдобро би можел да помогне за отстранување на болката.