Одличен колач кој се приготвува лесно и брзо, а сите го сакаат. Единствено што е потребно, е да се воздржите обландата да се олади и стегне… Добар ден драги мои домаќини и домаќинки, денес ќе правиме посни грилијаш обланди.
Инаку, овие се најомилените обланди од сите видови обланди што постојат, особено кога има слави и други прослави, најчесто си наоѓаат местото меѓу другите ситни колачи. Многу брзо се приготвуваат, со ореви, а сè што се приготвува со ореви е многу вкусно.
Потребни состојки: 2 листови обланда, 600 г шеќер, 250 г посен маргарин, 300 г посни мелени кекси (плазма бисквити или било кој друг посен кекс по ваш избор), 100 г мелени ореви, 250 г сечкани ореви и 150 мл вода.
Постапка: Шеќерот ставете го тенџере на оган да се карамелизира. Мора да внимавате на температурата да не е пресилна, зошто шеќерот може да загори. На мојот шпорет најсилно е тројка, па јас ќе го ставам шеќерот да се топи на единица.
Шеќерот мора постепено да се растопува додека да добие кафеава-карамел боја, но не смее да поцрне. Не треба да се меша, туку само малку тенџерето да се протресува и евентуално на крајот, само малку со лажицата да се подбутне на некое место каде шеќерот останал нерастопен.
Значи, откако шеќерот ќе се стопи и карамелизира, промешајте го убаво со дрвена лажица за да се изедначи. Мора да се меша постојано за да не загори и тргнете го од рингла. Додадете ја постепено водата за да не ви прска. Вратете го тенџерето на оган.
Во првиот момент карамелот ќе се стврдне, но после неколку минути ќе започне да се растопува. Протресете го тенџерето и започнете повторно со мешање додека да се раствори карамелот целосно. Кога шеќерот ќе се растопи во водата додадете го маргаринот исечен на коцки.
Оставете го маргаринот добро да се растопи и соедини со карамелот. Мешајте додека да се изедначи смесата. Потоа додадете ги мелените ореви, сечканите ореви и мелената плазма. Соединете ги сите состојки со внимателно, брзо и енергично мешање.
Оставете ја смесата околу 5 минути, да не е многу врела кога ќе се филува, но не ја оставајте ниту целосно да се олади затоа што ќе се стврдне и потешко ќе се размачкува. Вака приготвената смеса рамномерно распоредете ја целата смеса врз лист обланда свртена со крупните коцкички нагоре.
Израмнете ја смесата па поклопете одозгора со друг лист обланда, со крупните коцкички свртена надолу кон филот. Притиснете со рацете да убаво да се налепи филот. Одозгора потиснете ја со некоја тежина. Оставете ја да се олади 4-5 часа во фрижидер.
Но, најдобро е да се остави преку цела ноќ, а тогаш и најубаво се сече. Обландата сечете на коцки, штангли, ромбоиди или по ваша желба со големина каква што ви одговара. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.