Фото и рецепт: Луан

Ова е една од најубавите баклави кои досега сум ги пробала и нормално, побарав рецепт зошто морав да ја направам. Се надевам дека и вам ќе ви се допадне.

Потребни состојки:

500 г кори за баклава

За прелив:

100 темно чоколадо
100 г Нутела или сличен крем
100 г путер
100 мл масло

За фил:

300 г пропжени и исечкани лешници
150 г бисквитни трошки
2 лажици Нутела или сличен крем
млеко по потреба

За шербет:

800 мл вода
500 г шеќер
2 ванилин шеќер
и уште: 3 лажици растопен путер

Постапка:

Прво направете го преливот за корите: Сите состојки растопете ги на тивок оган додека да се добие сјајна и изедначена смеса. Оставете го на страна да излади додека го приготвувате филот.

Во еден сад за мешање ставете ги сечканите и пропржени лешници, додадете им ги мелените бисквити, нутелата и малку млеко, колку малку да се навлажнат бисквитите и лешниците. Најдобро е сето да исмеша со врвовите од прстите, зошто на тој начин најдобро се промешува кремот во останатите состојки.

На рамна работна површина ставете една кора, па премачкајте ја со неколку лажици прелив. Рамномерно до самиот крај ставете неколку лажици фил, па свиткајте ја кората како штрудла, колку можете поцврсто.

Витканата баклава редете ја во намастен плех и со остар нож сечете 6-7 см долги ролатчиња. Целата површина на баклавата премачкајте ја со 3 лажици растопен путер.

Вака приготвената баклава ставете ја да се пече во загреана рерна на 150 степени околу 40 минути.

Во меѓувреме сварете го шербетот: Ставете да се вари водата со шеќер и ванилин шеќер, па откако ќе зоврие варете уште 10 минути.

Печената баклава прелијте ја со топол шербет. Можеби ќе ви се чини дека има премногу сируп, но не грижете се, баклавата сè ќе впие.

Откако баклавата ќе ја впие течноста и откако ќе излади, прекријте ја со фолија и оставете ја во фрижидер најдобро преку цела ноќ. Следниот ден сервирајте ја баклавата со шолја добро турско кафе.