Непечена торта со крем сирење, подлога од бисквити и печени лешници и мек крем од чоколадо со арома на лешник.
Потребни состојки за подлога: 150 г мелени бисквити, 50 г мелени печени лешници, 1 лажица нутела или Линоладе нугат и 80 мл млеко. За КРЕМ од сирење: 500 г свежо несолено сирење *, 250 мл слатка павлака, 1 лажица течен мед, 8 г мелен желатин
За НУГАТ крем: 125 г чоколадо Милка Ноизет **, 100 мл кисела павлака
Постапка за приготвување на подлогата: печените лешници можете да ги сомелете во мелница за ореви или да ги иситните малку покрупно, во пластична кеса со помош на оклагија. Кој како сака, по вкус. Подлогата врз која ќе ја послужувате тортата обложете ја со хартија за печење.
Поставете обрач за торти со пречник 20 см. Сите состојки потребни за основата, истурете ги во еден подлабок сад и убаво замесете ги со рака за да се изедначи смесата. Ќе добиете компактна смеса што не е ронлива, но не се лепи.
Доколку смесата е малку посува и ви се рони, тогаш додајте уште малку млеко, а во случај да е премногу мека, тогаш додајте уште кекси. Добиената смеса распоредете ја на дното од обрачот, со рака добро натапкајте ја и израмнете со помош на дното на чаша или нешто слично.
За крем: прелијте го желатинот со 6 лажици вода и оставете го да набубри 5 минути. Сирењето, медот и течната павлака кратко измешајте ги со миксер за да се соединат сите состојки во хомогена смеса.
Набубрениот желатин растопете го на најтивка температура или на пареа, додајте 4 лажици од смесата со сирењето, загревајте со непрекинато мешање додека да добиете течна мазна смеса.
Оваа течна смеса со желатинот во многу тенок млаз додајте ја во кремот од сирење додека непрекинато матите со миксерот, околу една минута додека сите состојки да се соединат. Веднаш прелијте преку подлогата од кекси и израмнете, па оставете во фрижидер да се стегне, додека го приготвувате нугат кремот.
За нугат крем: чоколадото растопете го на пареа или во микробранова печка (јас ја топам во микробранова). Потоа додајте лажица кисела павлака со енергично мешање. Смесата ќе почне да се згуснува. Додавајте го остатокот од киселата павлака, лажица по лажица со енергично мешање.
Со секоја наредна додадена лажица, смесата ќе станува поретка. Ако смесата е прегуста за излевање, кратко загрејте ја на пареа или во микробранова печка. Веднаш прелијте го крем сирењето. Ако сакате поинтензивен вкус на лешници, преку нугат кремот веднаш наросете мелени печени лешници.
Тортата оставете ја преку ноќ (најмалку 6 часа) во фрижидер. Со тенок и остар н ож поминете помеѓу тортата и обрачот. Отстранете го обрачот.
Напомена во врска со декорацијата: За тортата од фотографијата нанесен е крем од сирење преку подлога од кекси, оставете е преку ноќ да се стегне, отстранет е обрачот, па целата е премачкана со нугат кремот.
Со шпатулата се правени „бранови“, веднаш по нанесувањето на глазурата. Тортата после украсувањето е ладена само половина час и сервирана.
Напомени:
*Користев сирење Ellа со 0.9% млечна маст ** Наместо Милка Noisette може да се користи која било млечна чоколада, со тоа што после мешањето со павлаката се додаваат и неколку капки арома од лешник.
Ако повеќе сакате крцкави подлоги, наместо млеко користете 80 г растопен путер или маргарин и употребете кекс кој сами крупно сте го издробиле со оклагија. / hatshepsut / Сооlinarika.com