Ова е традиционален колач, таканаречен сладок леб кој се прави по повод празникот на Свети Фануриј. Празникот секогаш се слави на 9 септември. Колачот заедно со виното се носат во црква воочи празникот и за време на празникот.
Традицијата вели дека овој колач, фанурија или фануропита, носи среќа на семејството и ја исполнува желбата која ќе ја замислите. Вообичаено е овој колач секогаш да се приготвува од девет состојки.
Кога ќе се направи колачот се дели (според некои традиции на 40 делови) и се споделува на други луѓе за да се исполни желбата. Колачот многу едноставно се приготвува и има преубав вкус. – Верче Илиоска
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 850 г брашно, 400 мл топла вода, 1 коцка свеж квасец или една кесичка сув квасец, 250 г шеќер, 100 мл масло, еден прстофат сол, 1 кесичка прашок за печиво, 1 кесичка ванилин шеќер или цимет, 100 г мелени лешници / или кора од лимон или ореви или суво грозје или сува брусница
ПОСТАПКА: Квасецот ставете го во топла вода со лажица шеќер и лажица брашно, промешајте да се раствори, покријте и оставете на топло 10-тина минути да се активира и да запени. Во длабок сад ставете масло, шеќер, прстофат сол, ванила, прашок за печиво и активираниот квасец.
Промешајте со жица за матење, па додајте ги мелените лешници, повторно промешајте и започнете постепено да го додавате брашното. Додека можете мешајте со лажица или шпатула, а на крај рачно замесете. Тестото не треба да е тврдо, колку е помеко, толку е подобро.
Замесеното тесто префрлете го во широко тенџере или друг сад обложен со хартија за печење (без пластични рачки или други додатоци, кое може да се користи за печење во рерна) и оставете го да стасува додека да го удвои волуменот.
Колачот претходно намастете го додека го рамните и формирате како топка. Кога колачот убаво ќе стаса, загрејте ја добро рерната на 200 степени, па ставете го да се пече околу половина час колку малку да зарумени.
Потоа намалете ја температурата на 180 степени, па печете го уште 30-35 минути (бидејќи колачот е дебел како леб, потребно е добро да се испече). Ако сметате дека во текот на печењето пребрзо заруменил, одозгора покријте го со фолија и допечете го.
Колачот завиткајте во памучна кујнска крпа и оставете го да се олади. Се смета дека колку повеќе парчиња ќе раздадете на различни луѓе, толку среќата ќе биде поголема и желбата ќе ви се исполни. Рецепт и фотографии на Верче Илиоска / Сооlinarika.сom