Во старите тефтери овој колач е запишан како „Ден и ноќ“, едноставен и евтин десерт кој порано го правеа нашите баби, а денес е малку подзаборавен. Иако „Ден и ноќ“ е едноставен колач, сепак воодушевува со вкусот. Безвременските коцки „Ден и ноќ“ се еден од оние рецепти на нашите баби кои за малку ќе ги заборавивме.




Лесно се прават, а чоколадниот фил е вистинско yживање за сите гурмани. Покрај тоа, изгледа многу декоративно, па ќе биде украс на секоја празнична трпеза, а состојките за подготовка се многу едноставни и веројатно повеќето од нив веќе ги имате дома. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за кора): 5 јајца, 200 г маргарин или путер, 250 г шеќер, 300 г брашно, 100 мл млеко и 2 лажици какао во прав. За крем: 2 жолчки, 140 г шеќер, 180 г чоколадо за готвење, 9 лажици млеко, 100 г ореви и 150 г маргарин/путер. За декорација: ситно сечкани ореви




ПОСТАПКА: Од пет јајца во посебни садови одделете ги белките од жолчките. За да ја подготвите смесата за кора, најпрво мора пенасто да ги изматите белките со миксер. Потоа започнете постепено да го додавате шеќерот додека непрекинато матите за тој да се растопи.




На крај ќе добиете цврст и сјаен снег од белки кој не паѓа кога ќе го превртите садот. Потоа една по една додајте ги и жолчките и повторно изматете. Во пенливата и кремаста смеса полека додајте го брашното, најдобро просеано преку сито.




Овојпат не ви е потребен миксер, а брашното вмешајте го со помош на лажица или шпатула. Мешајте додека убаво да се изедначи, без грутчиња од брашното. Оваа смеса поделете ја на два еднакви делови. Едната оставете ја каква што е жолта, а во другата додајте две супени лажици какао (просеани) и уште малку промешајте додека да се изедначи и да добиете кафеава смеса.



Два еднакви плеха со средна величина) намастете ги со масло и наросете ги со брашно (вишокот истресете го) или едноставно обложете ги со хартија за печење. Ако немате два еднакви плехови, тогаш двете кори печете ги една после друга.

Значи, излејте ја смесата во подготвениот плех, израмнете и ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени околу 20 минути. печените кори оставете ги настрана да се оладат.




За филот растопете ја чоколадата со млекото и шеќерот и додајте ги жолчките, па варете на тивок оган седум-осум минути. Маргаринот/путерот омекнат на собна температура посебно изматете го, а кога чоколадото ќе се олади додајте ги изматениот маргарин и оревите. Сето ова убаво изматете го со миксер за да се соедини филот.




Филот поделете го на два дела, но едниот да биде помал. На плехот прво се става жолтата кора, па се премачкува со филот, а преку црната кора. Повторно премачкајте го филот врз црната кора и посипете со сечканите ореви (по желба може и глазура). Кога целосно ќе се излади, се сече на коцки и се сервира.