Празничните кремасти колачи ги има бесконечно многу, па тешко е да одлучите каков колач или торта да направите за претстојните празници. Ако ви треба нешто брзо и лесно за правење, а исто и да не се потрошите многу, пробајте ги следниве колачи, за кои вкусот се споредува со фантазија. Лесно, брзо и многу вкусно, а на трпезата сите ќе гледаат во нив. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 кесичка нескафе (3 во 1), 300 мл врела вода, 300 г пишкоти (дебели долгнавести бисквити), 1 литар млеко, 150 г шеќер, 3 супени лажици густин/нишесте/скроб, 2 супени лажици брашно, 1 жолчка, 8 г ванилин шеќер (1 кесичка), 2 супени лажици путер, 60 г шлаг крем од ванила и 1 супена лажица какао.

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 100 г шеќер, 200 г путер/маргарин, 100 г чоколадо за готвење, 4 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 4 јајца. ЗА КРЕМОТ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 200 г чоколадо за готвење (или нутела), 500 мл слатка павлака, 1 лажица шеќер.

ВТОР РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Содржината од кесичката со нескафе ставете ја во  еден помал сад и измешајте ја со 300 мл зовриена вода. Промешајте за да се раствори кафето и тргнете настрана. Во тенџере ставете 1 литар млеко, 150 г шеќер, 3 супени лажици нишесте, 2 лажици брашно, 1 жолчка и една кесичка ванилин шеќер. Изматете добро со жица/маталка за да нема грутчиња.




Кога смесата ќе се изедначи, тенџерето ставете го на оган и загревајте со постојано мешање додека да згусне (смесата е полутечна). Ринглата треба да биде вклучена на средна кон ниска температура, за млекото да не загори. Пред крајот додајте две полни супени лажици путер, па мешајте додека да се растопат.




Тргнете го садот од оган и додајте ја содржината од кесичката со шлаг крем (60 г). Промешајте за да се растопи. На дното од еден калап со средна величина наредете еден ред пишкоти претходно натопувани во нескафето. Врз пишкотите рамномерно распорете половина од филот.




Наредете втор ред пишкоти на истиот начин, исто така кратко натопувани во нескафе. Врз нив излејте го остатокот од филот и рамномерно распоредете и израмнете. Колачот оставете го 2 часа во фрижидер за да се стегне. Одозгора можете да го наросите со какао, вишни, ореви или нешто по желба.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Жолчките изматете ги со шеќерот, додајте ги растопениот и изладениот путер и чоколадо, па брашно помешано со прашокот за печиво и на крај снег од белки (белките измешајте ги полека и внимателно со лажица). Печете во тепсија со димензии 20х35 см во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20 минути (проверете со чепкалка).




ЗА ФИЛОТ: Слатката павлака загрејте со шеќерот на тивко, тргнете на страна па додајте го искршеното чоколадо и мешајте додека да се растопи. Печениот бисквит избоцкајте го со виљушка на неколку места и додека е топол прелијте го топлиот крем.

Кремот е доста редок но нема потреба да се измати со миксер или да се додава било што друго, зошто кога ќе излади ќе се стегне. Колачот прво се лади на собна температура, а потоа се става во фрижидер најмалку 5 часа добро да излади и да се стегне.