Оваа година на 12 јули го прославуваме еден од најважните летни празници – денот на првите апостоли Свети Петар и Павле. Покрај ритуалите и верувањата кои се вкоренети во народната меморија за овој ден, има и неколку јадења кои мора да се подготват:
-Познатото Петровденско пиле (или петел), обредната погача и задолжителниот „Бел маж“ или јадењето кое уште се нарекува „Кутлач“ или „Белмуш“. Во зависност од регионот, може да е познато и по некое друго име.
Ова јадење „Бел маж“ многу потсетува на качамакот, но има многу покремаста структура и се приготвува на сосем поинаков начин. Обично се послужува како мезе или закуска, но може да се послужи и како главен оброк. Се приготвува од пченкарно брашно и младо сирење, а може да се јаде во солена или слатка варијанта.
Ова е единственото јадење во македонската фолклорна традиција што порано го приготвувале само мажи. Петровден е најдобриот ден за негова подготовка, бидејќи овчото млеко тогаш е најгусто и најдобро, па од него се приготвува најубаво младо сирење. Еве што вели легендата за настанокот на ова јадење:
Според старата легенда која се пренесува од колено на колено, во дамнешно време група мажи отишле да го ожнеат житото. Станела многу рано и заминале на нивата, но работа имале премногу и не можеле да постасаат. Тогаш „се симнал“ лично Свети Петар да им помогне, кој го гpaбнал српот и почнал и самиот да жнее.
Кога дошло време за одмор и обедување, секој ја отворил својата бовча и го понудиле светецот да јаде со нив. Еден од нив во бовчата имал понесено пресно овчо сирење кое ов врелината сето се растопило. Се засрамил жетварот, па не се осмелил да го понуди светецот со своето јадење.
Но, Свети Петар го сетил дека е усрамен, па зел в раце неколку житни класје, па ги истрил додека се претвориле во брашно. Со наросил брашното врз стопеното сирење, го измешал и добил многу вкусна бела каша, која нашите предци ја нарекле „Бел маж“. Постојат неколку верзии за приготвување на ова јадење, а ние ќе ви ја откриеме основната:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг младо, несолено, најдобро овчо сирење (или кравјо) и од 200 до 400 г пченкарно брашно (не палента). Доколку го сакате ова јадење на помеко, тогаш ставете помалку брашно (150-200 г), а доколку го сакате погусто, какво што го послужуваат во кафеаните, тогаш искористете повеќе брашно.
Исто така, во пченкарното брашно може да додадете и малку бело, пченично брашно, но сепак пченкарното треба да преовладува. Освен брашно и младо сирење, во рецептот може да се додава и полномасно млеко и малку путер.
ПОСТАПКА: Во тенџере со дебело дно ставете го младото сирење да се вари на многу тивок оган. Постојано мешајте и не се одвојувајте од шпоретот, бидејќи многу лесно може да се случи да ви загори.
Сирењето гответе го додека да се растопи и да почне да се раздвојува во вид на конци. Започнете постепено да го додавате брашното непрекинато мешајќи.
Брашното треба да ја впие сета маснотија од сирењето и да добиете компактна смеса. Мешајте следните 20 минути или додека смесата да стане мазна и да започне да се одвојува маста, односно да се појави на површината. Послужете го јадењето со кисело млеко, сирење и зеленчук. Деталите погледнете ги ОВДЕ.