Еве што јас ќе направев ако моето дете го шамараа во школо!

-Прво ќе отидев, разбеснета како бик, збудалена од лутина, а можеби и ќе понесев некој стап за родителите на насилниците…

Трипати ја погледнав снимката на која две 15 годишни девојчиња во дворот на средното училиште во Брајево ја шамараат својата другарка. Таа не се брани, туку “мирно” им дозволува на тие двете ѕверски, наизменично да ја удираат по главата. Се собраа и други деца, сите снимаат, но не му помагаат на девојчето.

Па и во Задруга кога учесниците ќе се степаат никој не помага, туку гледаат и чекаат да дојде обезбедувањето. Меѓутоа, овде никој не дојде, бидејќи, како што наведуваат медиумите, училиштето нема обезбедување, нема камери вон објектот, а директорот после настанат, наводно за два дена го “заташкал” целиот случај. А што друго да направи?

Мајката на тепаното девојче изјави дека снимката не можела да ја гледа.

Да е мое дете во прашање, ќе соберев сили итекако да го погледнам, за да знам што точно треба да правам, до кои граници ќе можам да одам.

Мојот сопруг веднаш рече: Ја би направил крш кај родителите, би се тепал ако е потребно, па нека завршам и во затвор, барем ќе знам зошто сум отишол.

А мојот сопруг инаку ни мравка не би згазнал. Ги собира со метла и лопатла, па ги фрла преку тераса. Мирен е, неконфликтен, не пцуе, не знае да се искара ко човек.

Зошто сето ова го наведувам?

Затоа што е јасно колкав бес може да се роди во човек и да направи “беља” кога ќе види како му го тепаат детето неправедно.

Да е мојата Срна во прашање, не дај Боже, да добиеше вакви шамари, прво ќе ја однесев на доктор да се заведат сите повреди за да можам сите кривично да ги гонам (и родителите и децата и директорот и оној кој снима и сите наоколу). Всушност, ова би било второ.

Прво би отишла, разбеснета како бик, збудалена од лутина, а можеби и стап би понела за родителите на насилниците. За да се пресметам. Да им искршам се’ дома, ако почнат да ми говорат: “Ама таа ги испровоцирала” или “Тие се инаку добри девојчиња…” или “Татко и ја напушти…” да полудам до инфарктна состојба, да пробам да истерам некаква правда, иако знам дека јас ништо, ниту со тој стап, не би можела да истерам (освен својот бес), а шамарите не можат да се повлечат и на детето може да му остане траума во следните години.

И токму тие, шамарите кои не можат да се повлечат, да се сопрат да не го допрат лицето на моето дете, како мајка би ме болело до смрт.

Што и да направам, не би можела да го вратам времето и да ги сопрам. Можеби себеси ќе си ја префрлам вината дека требало некаде да се иселам, некаде каде што системот е нормален, каде што вакви работи не се случуваат.

Би плачела и би беснеела едно подолго време, би ја анализирала состојбата на ќерка ми, би ја посматрала, би се плашела да ја пуштам во бања, да ја оставам сама, да ја пуштам до продавница, би ми влегол во главата црв дебел, гладен, би ги криела ножевите, би и досадувала со прашања “Што ти е?”, би и го проверувала тајно телефонот.

Веројатно никогаш не би можела да изговорам “жртва на врсничко насилство”. Моето дете го доев две години, бдеев над него и му ја симнував високата температура, го топев со влажни крпи…жртва на насилство.

Моето дете, добро, чесно, во училиште замина радосно, и раскажував како таму е се’ убаво и што се’ ќе научи…жртва на насилство во училиште.

Моето дете, го чував од лоши паѓања и повреди, да добие повреди од туѓа рака, по главчето кое толку пати го љубев и му говорев “мојата мила умна глава”.

Додека сето ова го пишувам, вќе не ми е добро, бидејќи сега, еве, сфаќам дека не постои таква казна за насилничките, која мене би ме смирила, бидејќи шамарите веќе се случија.

Но барем би ме задоволило ако следните две години секој ден бидат вкучени во некоја социјално корисна работа, да помагаат во Дом за стари лица, да менуваат пелени, да празнат гуски, да чистат тоалети, да лупат компир, кромид, да приготвуваат оброци, па перат масни тепсии, да копаат во бавча, да садат, да молзат крави, да немаат телефони, да метат улици, на грбот од маиците да им пишува “ја тепавме нашата врсничка” за сите да можат да видат и да знаат што ќе им се случи ако го сторат истото дело.

Бесчувствителна сум, груба? Не, не сум. Нема тепање, само работа, работа, ред и дисциплина. Ова со натписот на маицата не е омаловажување, туку казна поради недостиг на одговорност за своето насилничко однесување. Ако си способен да удираш шамари, тогаш прифати да носиш маица за насилници.

Само од една снимка може да се види дека децата ни се преполни со бес, агресија, фрустрација, безобразни и бесчувствителни, силни и тоа само затоа што немаат обврски, немаат работни навики, немаат повлечени граници, немаат казни и немаат родители кои до 15 години и после тоа треба да ги научат. Немаат авторитети. Немаат почит.

Девојките кои можат во глава да удираат друго девојче кое не се брани, апсолутно не сакам да ги анализирам, немаше да ме интересира на која возраст се ако стануваше збор за моја Срна, кој ги подигал, кој ги воспитувал, што им фалело…

Тоа не е моја работа и не би требало да ми разбуди сочувство. Јас се грижам за моето дете, него го воспитувам, за него гинам, нему му повлекувам граници и го казнувам (не со тепање), него го учам на чесност, племенитост и одговорност, за да не се случи мене некоја мајка да ми влета со стап во рака и да ми затропа на врата. Ако тоа се случи, јас знам како моето дете би го казнила.

Родителите на насилните девојчиња мораат да ги казнат своите ќерки, ова што се случи треба да им биде аларм дека некаде погрешиле, дека дошло крајно време нешто да преземат за да не продолжат и натаму со насилството.

Тажно е што јас како мајка треба да размислувам на кој начин би го решила проблемот. Тажно е што воопшто ова се случува. Тажно е што кога ќе се случи, обично поминува неказнето, па се продолжува.

Тажно е што тогаш јас и мојот сопруг ќе треба да истеруваме правда, да се претвораме во некои чудовишта за да го одбраниме своето дете, во затвор да завршиме.

Тажно е што се’ повеќе родители се плашат кога ги испраќаат своите деца во училиште, како да ги испраќаат во рудник.

Не можам да прифатам како оправдување дека некое од девојчињата било запоставено, повторувам, тоа не е мој проблем. Секој треба да си понесе дел од одговорноста. За тоа требало да мислат нејзините родители, за тоа требало училиштето да ги алармира родителите, психологот, класната. Па, како би било ако секое насилство, педофилија, масакар, кражба – константно ги правдаме со лошо воспитување или во случајот на насилните деца “тоа се само деца”.

Зар нивното лошо воспитување треба на мајката на претепаното девојче да разбуди сочувство кон нив? Да им прогледа низ прсти?

Овде премногу се гледа низ прсти и затоа вакви работи ни се случуваат.

Овде на децата им се прогледува низ прсти за милион работи, за безобразно однесување, за лигавење, за непочит, за неисполнување на домашни задачи, родителите треперат ко сламка, учителите и наставниците не смеат ни во казнен агол да ги испратат.

Заштитени се ко белоопашестиот орел. Можат да го пцујат својот учител и никој не им може ништо. Се досадуваат, се прозеваат, се шлаат без јасна цел, родителите се презафатени со работа, со себеси, со социјалните мрежи. Државата инсистира на Ријалити програми, пропагира насилство и неморал.

Кога јас би се прашувала, од прво одделение би имале двапати работни акции, телефонот би бил забранет во училиште )ако те фатам дека си го понел, те враќам назад да го вратиш дома, ти го мерам потребното време, и толку време те оставам да седиш во училиште после часовите. Па утре пак донеси го телефонот, ако ти е супер да остануваш кога сите си одат).

Секое насилство би го санкционирала со повеќемесечна корисна работа, опишана во погорните редови. Родителите материјално дебело би ги казнила, плус редовни посети на психотерапевт со децата.

А бидејќи ова никогаш нема да се случи, најверојатно ќе се потрудам да си заминам од овде додека е време за да не се случи оној црв да ми се всели во главата.

Ако не успеам да се иселам, би ја запишала ќерка ми на часови за самоодбрана и би и кажала: Ако само некој те пипне на правдина, брани се слободно!

Автор на текстот: Јована Кешански

Loading...