“Нашиот најпознат епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски е еден од неколкуте доктори, кои имаа доблест, речиси секојдневно, да ги информираат граѓаните за текот на пандемијата, преку настапи на електронските медиуми и социјалните мрежи” – објави медиумот Галама и за читателите откри неколку интересни приватни детали од животот на овој професор.
„Галама“ одлучи да направи едно поинакво интервју со професорот. Посакавме да дознаеме некои детали од неговиот приватен живот, за читателите да имаат комплетна слика за докторот, кој секојдневно им дава стручни совети.
–Професоре Д-р Драган Даниловски, повеќе од седум месеци сте речиси секојдневно активно ангажирани на телевизиските и другите медиуми заради актуелната состојба во светот и кај нас, а во врска со пандемијата на КОВИД-19.
Малку знаеме, кажете ни нешто накратко за вашата стручна биографија, каде сте родени, нешто за вашиот фамилијарен живот.
-Рoден сум во Белград и таму живеев до претшколската возраст… Завршив Медицински факултет во Скопје. Специјализирав епидемиологија во Скопје, Белград, Лондон, Бирмингем.
Докторирав на Медицинскиот факултет во Скопје во 1995 година. Редовен сум професор на епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика на Медицинскиот и Стоматололошкиот факултет на сите три нивоа: додипломски, последипломски (за магистри на јавното здравство) и докторски студии.
Во пензија сум од неодамна, од 1. октомври 2020. Но, понатаму имам наставни обврски на докторските студии на Медицинскиот факултет. Исто така, работам на два истражувачки проекти во соработка со Универзитетот Колумбија, САД.
Едниот проект е токму за новонастанатата ситуација за КОВИД-19 („Влијание на пандемијата на КОВИД-19 врз менталното здравје на здравствените работници: Студија за здравствените работници што работат со КОВИД-19 – ХЕРОИ“).
Називот ХЕРОИ е еден вид акроним од англискиот назив (The impact of the COVID-19 pandemic on the mental health of workers in health services: The COVID-19 HEalth caRe wOrkErS (HEROES)) study). Во проектот учествуваат 28 земји од сите пет континенти.
-Оженет сум. Имаме две деца и три внуци. Хоби: долги разговори и прошетки со сопругата, карате, бајкерство, велосипедизам, сликање, музика и последното – градинарство, се разбира, со сопругата….
-Како ви поминува денот, дали имате сега повеќе време за одмор или за рекреација?
-Напротив!! Знаете што, никогаш не сум бил со повеќе ангажмани отколку последнава година, особено последните осум – девет месеци. Чувствувам лична обврска да одговорам на интересот на новинарите, да се консултирам со колеги кај нас и во странство, да го следам развојот на маката што нѐ снајде, да им дадам одговори на огромен број луѓе кои во неволјата што нѐ снашла бараат совети, консултации или им треба разговор и конкретна помош…
Затоа што, сметам, одговорност и човечка и професионална е да им се биде на располагање на оние кои се во мака. Овој период, иако отсуствуваат физички контакти, социјалните се тројно зголемени. Така што, мојот приватен живот сега е, на некој начин, во втор план.
-Претпоставуваме дека ја имате поддршката и разбирањето од семејството во вакви околности?
-Знаете, јас и сопругата сме малку „чудаци“, и како помлади и сега, уживаме да бидеме во осама, никогаш не ни недостигала потребата од јавност, едноставно си се најдовме себеси подалеку од метежот во градот. Живееме на 6 км од Скопје, на надморска височина над 600 метри.
Тука напросто се „слуша“ тишината и се дише чист воздух, со многу сончеви денови. Се вклопуваме во ваков амбиент и воопшто не ни недостига градот со сите негови содржини.
Љубители сме на животни, особено се грижиме за злоставени и инвалидизирани кучиња и тие ни се чести гости, а неколку и сме вдомиле.
-Вашата сопруга знаеме дека порано беше, исто така, јавна ТВ личност…
Да, така е. И таа си има свои активности кои ја исполнуваат. Музичар е и текстописец и соработувала со многу македонски композитори.
Последнава деценија е активна во областа на православната духовност, така што нема време да се чувствува осамена овој период. Ја имам огромната поддршка од неа во секоја смисла, особено во овие времиња.
-На вашиот фб профил стои фотографија од вашиот мотор. Го возите ли?
Да, возам мотор. Тоа е мој сон од детските денови, ама, за жал, задоволството да имам „сериозен“ мотор не успеав да си го дозволам. Сега, на зрели години ми се исполни желбата…
-Дали сте гурман, дали се храните така како што проповедате на ТВ екраните?
За жал, не до крај се однесувам така. Гурман сум, сакам помасно, забиберено, засолено, луто… нездраво! (се смее). Скарата во дворот е доста често експлоатирана!
-Споделете некој рецепт на скара со нас!
Да речеме, ние и нашите пријатели – гости уживаме во скара на жар. Особено јунешки стекови, кременадли. Нарачувам подебели парчиња. Само ги засолувам и забиберувам. Ги загревам половина саат на 50 степени во рерна и дури потоа ги печам на скара, не повеќе од две минути од секоја страна.
Во тек на печењето повремено го мачкам со путер. Идејата е, месото да биде делумно печено. Според мене, „зло-сторство“ е да се јаде препечено. Пред да се стави на трпеза, половина час треба да отстои покриено со капак. Зеленчук на скара е посебен деликатес!
Освен црвено вино, ништо друго не треба дополнително. Особено задоволство е ова да се прави на снег (се смее…) зашто во лето жештината од скарата не е баш пријатна.
-Се придржувате ли на мерките на заштита како што и ги советувате другите?
Исклучително сум одговорен во таа смисла. Не само на зборови. Тука нема компромис!
-После некои ваши настапи одредени луѓе ве нарекуваа доктор – паника заради вашите објективни прогнози или соопштенија. Ве врзуваа за одредена политичка опција итн. Ви пречеше ли тоа?
Не, го разбирам однесувањето на граѓаните и тоа дека секој од нас психолошки на различен начин ја изразува својата немоќ и збунетост. Но, никогаш ни заради било каква причина, и тогаш и сега, не сум импровизирал и не сум кажувал работи, коишто би претпоставил дека луѓето посакуваат да ги чујат.
Сум се трудел да бидам објективен, непристрасен, особено како член на автономната универзитетска заедница. Неретко одредени факти за болеста се менуваа во зависност од секои следни сознанија.
Ако мислевте дали сум официјално во некоја комисија или тело, не, не сум и не сум инсистирал на тоа. Должност морална, стручна, како универзитетски професор, е да се говори вистината не заземајќи страна од било кој вид.
Секој од нас, сите граѓани, во овие неизвесни времиња, треба да дадеме свој придонес, секој спрема своите можности. Особено ние докторите од оваа гранка.
-Нешто за крај да ни порачате?
Верувам, ќе даде Бог, во некое не многу далечно време, сите ќе се вратиме на нашите животи, социјални активности, хобија, рекреации и дружења… Но, тогаш, повеќе измудрени и осознаени за тоа, како превентивно да се грижиме за своето здравје преку конзумирање на здрава, природна, разновидна храна, повремени или редовни спортски активности.
Да се надеваме дека ова искуство ќе ни биде предупредување како во иднина да ја спречиме болеста, наместо да ја лекуваме.
Можеби не сите, ама голем број од луѓето, исто така, ќе освестат колку се важни и драгоцени искрените пријателства, меѓусебната утеха, сострадалноста, безусловното помагање едни на други во сечија неволја, колективното заедништво и одговорност.
Заедничката неволја освестува и еден друг, многу битен момент. Да сфатиме дека болеста или природните катастрофи не бираат ниту богати ни сиромаси, ниту привилегирани ни маргинизиларани, не не’ одминува ниту по партиска линија, ниту по национална, религиозна или било која друга различност. Во тие ситуации сите сме еднакви, кревки, човечки суштества.
Ете, имаме искуство дека секое зло као последица носи и некое добро. Колективното, заедничкото страдање и мака го топи егоизмот, ја разбудува сочувствителноста и секој вид предрасуди едни за други.”
Текстот и фотографиите се преземени со дозвола од редакцијата на Галама.