Ова е еден од омилените колачи на моите деца. Тие сами знаат да го подготват од што е лесен, а најинтересно им е што се ставаат три цели чоколади. Пандишпанот станува многу посочен кога чоколадите ќе се растопат и одличен е за послужување кога ќе ви се најават некои гости или за десерт после ручекот.
Ова е еден нов рецепт кој на сите многу им се допадна. Домашните постојано ме прашуваат кога ќе го правам повторно колачот со три чоколади, ете толку многу го сакаат сите. Измешајте ја смесата за пандишпан и прелијте ја преку чоколадите наредени една до друга. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 чоколада по вкус, 4 јајца, 3/4 шолја масло (150 мл), 1 лажица прашок за печиво (14 г), 3 чаши брашно (300 г), 1 1/2 чаша млеко (300 мл), 1 чаша шеќер (160 г), 1 лажичка ванилин шеќер (5 г). Како мерка се користи шолја од 200 мл.
ПОСТАПКА: Подгответе си еден плех со средна величина и на дното од плехот поставете хартија за печење. Врз хартијата наредете ги чоколадата. За колачот да биде интересен, користете бело, кафеаво и црно чоколадо. Потребно е целото дно да биде покриено со чоколадата.
Доколку сакате колачот да излезе шарен, скршете ги на повеќе редови и исполнете го калапот со сите чоколада. Испечете ги чоколадата во загреана рерна на 100 степени, 15 минути, за малку да омекнат. Во меѓувреме подгответе ја смесата која треба да се излее преку колачот. Во еден подлабок сад скршете ги четирите јајца, кои треба да бидат на собна температура.
Измиксајте ги јајцата со миксер додека да станат пенасти и да побелат, па додајте прстофат сол и шеќерот со ванилиниот шеќер. Миксајте додека шеќерот да почне да се растопува. Потоа, постепено започнете да излевате 3/4 шолја масло. На истиот начин сипете 1 1/2 шолја млеко.
На крајот, просејте го брашното со прашокот за печиво и соединете ги сите состојки со шпатула. Вака подготвената смеса треба да има погуста конзистентност, од смесата за палачинки. Излејте ја смесата преку чоколадата и загрејте ја рерната на 180 степени. Калапот со смесата малку протресете го пред да ставите на печење, за смесата фино да се распореди.
Печете во претходно загреана рерна приближно 40-тина минути, додека пандишпанот да фати фина коричка. Пандишпанот излегува многу сочен и мек, особено добро се комбинира со чоколадата. По печењето, оставете го колачот малку да се олади, па превретете го на поголема чинија или дрвена, кујнска даска за сечење.
Отстранете ја хартијата за печење и послужете го колачот на коцки. Чоколадата даваат преубава декорација, а тоа што се малку растопени го прават пандишпанот уште посочен. Деталите погледнете ги ОВДЕ.