Многумина ќе речат дека ова не е „вистински“ ајвар, но верувајте многу е близок до вкусот, а сите што го пробаа беа воодушевени. Пиперките не треба да се печат, ниту да се лупат. Некои кратко ги подваруваат, некои малку ги потпекуваат во рерна колку да омекнат, но доволно е сирови да ги сомелете во блендер или на машина, а лушпата воопшто не се чувствува – Јаснина кујна.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 кг црвени пиперки, 2 средни по големина модри патлиџани, околу 250 мл масло или повеќе да се додава во текот на пржењето, околу 100 мл бел оцет 9%, повеќе лук (по вкус), црн пипер во зрно (бибер), сол, шеќер (колку сол, толку шеќер, приближно 1-2 супени лажици по вкус)
ПОСТАПКА: Свежите пиперки добро измијте ги под млаз ладна вода, исчистете ги од семките и петелките, па сомелете ги. Ставете ги во големо широко тенџере со масло и испржете ги со повремено промешување на умерена температура.
Модриот патлиџан исто така измијте го, излупете го и сомелете го, па додајте го во мелените пиперки и продолжете со пржење. Доколку се сомневате во горчливост, најдобро е претходно да го вкусите, или да го засечете на неколку места и да го посолите, па откако ќе отстои некое време да го додадете во тенџерето за пржење.
Времето на пржење зависи од самите пиперки, колку се водлести, а готово е слично како и класичниот ајвар, односно кога ќе поминете со лажицата по дното, треба да останува бел траг од дното на тенџерето. Потребно е доста време за да се испржи добро, а колку подолго, толку е подобар ајварот.
Додајте сол, шеќер, оцет, малку или многу лук (претходно исчистен и сомелен или ситно исечкан), малку поткршен црн пипер во зрно или кој сака во прав, па кога е готов ајварот, се полни врел во топли и стерилизирани тегли.
Теглите по затворањето се превртуваат наопаку, со капакот надолу за да се вакумираат. После 15-тина минути се враќаат назад, се завиткуваат во ќебиња или весници и се оставаат да изладат до собна температура, по што можете да ги складирате заедно со останатата зимница на темно и ладно. / Јаснина кујна / Coolinarika.com / За следниот рецепт, ајварот нема потреба ниту од пржење:
Не ја фотографирав постапката, бидејќи да бидам искрена, не го правев јас. Мојата свекрва има пиперки во бавча и досега сигурно има направено 4-5 тури од овој брзински ајвар. Рецептот го знае напамет и еве ми го издиктира додека пиевме кафе, па си реков да ви го проследам, да не се мачите со печење и пржење…
Потребни состојки: 3,5 кг пиперки црвени, може и некоја зелена (исчистени од петелки и семки), 2 лажици сол, 2 мали шолјички шеќер, 2 капачиња есенција (или 2 лажици оцет 9%), 1 кесичка конзерванс, 1-2 мали главици лук и 400-600 мл масло (ако пиперките се меснати, може и повеќе).
Постапка: Пиперките измијте ги, избришете ги и исчистете ги од петелките и семето. Измерете количина од 3,5 кг. Исчистените пиперки наредете ги во плех и ставете ги во топла рерна. Температурата треба да биде таква да можат пиперките само да омекнат, 10-15-тина минути, а не и да се печат.
Внимавајте да не ви поцрнат, потребно е само малку време. Омекнатите пиперки веднаш сомелете ги, не мора да ги чекате. Ако пуштат сок, исцедете го. Додајте ги сите наведени состојки и убаво промешајте за да се соедини. Маслото загрејте го и излејте го врз површината за да „зацврчи”.
Повторно промешајте за да се впие во ајварот, па складирајте во чисти тегли. Ајварот има одличен вкус, не ви е потребна голема количина, а и нема некоја посебна исцрпувачка работа, па повелете пробајте. Совет: Ако ви се погодиле воденести пиперките, тогаш исцедете ги пред да ги сомелете за да не биде редок ајварот.