Фото и рецепт: Верица Бориќ

Потребни состојки:

13-14 бисквити за подлога и уште толку ако сакате уште еден ред

фил1:

400 мл млеко
1 пудинг од чоколадо
4 лажици шеќер или по ваш вкус

фил2:

250 г капини или други бобинки (малини, вишни, цреши, јагоди, овошен микс)
3 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
50 мл вода
2 лажици густин

глазура:

250 г чоколадо
400 мл слатка павлака

Постапка:

На дното од помал калап наредете ги бисквитите. Потребен ви е калап обложен со проѕирна фолија затоа што филовите ќе се прелеваат еден врз друг.

Фил1: пудингот, шеќерот и малку млеко промешајте го за да нема грутчиња, па сварете го во остатокот од млекото со постојано мешање додека да згусне. Потоа топлиот пудинг прелијте го преку бисквитите.

Фил2: капините испасирајте ги, додадете шеќер и ванилин шеќер, ставете ги на оган. Во водата додадете густин и промешајте да нема грутчиња, па додадете во капините и мешајте додека да зоврие и да се згусне, а се згуснува многу брзо. Веднаш прелијте преку чоколадниот пудинг и убаво распоредете.

Помеѓу можете да наредете уште еден ред бисквити, доколку сакате малку повисок колач.

Загрејте ја слатката павлака и пред да зоврие тргнете ја на страна и во неа додадете искршено чоколадо. Мешајте додека да се растопи и малку да подизлади, па прелијте преку филот со капини.

Оставете го колачот убаво да се разлади во фрижидер, па послужете.

Фото и рецепт: Верица Бориќ