Нема кој не го пробал познатото старинско јадење, батаци со ориз. Сите како деца се заситувавме од него, а на нашите баби им беше омилено за подготовка. Кога студирав во друг град, почнав и сама да го правам јадењето и направив некои модификации, иако базата на подготовка е иста.
До ден денес го подготвувам овој ручек и моите дечиња го обожаваат. Всушност, тајната е во неколку состојки кои специјално се додаваат на батаците. Од тоа добиваат посилен и зачинет вкус кој делува многу богато. Пробајте и сами ќе се уверите.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 килограм пилешки батаци, 1 пилешка коцка за супа, 1 и пол литар вода, 1 лажичка сол, 3 шолји ориз, кој било тип што го сакате, 1 лажичка сол, 2 лажици масло, 1 лажица путер, 1 кромид, 1 лажичка сол, половина лажичка црн пипер, 1 лажица лук во прав, 1 лажица доматна паста, 1 чаша замрзнат зеленчук, 4 и пол чаши пилешка супа.
И уште: 1 лажичка јогурт, 1 лажичка доматна паста, 1 лажица масло, половина лажичка црвена зачинска пиперка (може и лута). Состојки за салата: половина зелена салата, зелка, краставица, 3 домати, 1 китка магдонос, неколку листови нане, 1 кромид, 4 супени лажици сок од лимон, половина лажичка сол, половина лажичка црн пипер, четвртина чаша маслиново масло.
ПОСТАПКА: Пилешките батаци се мијат под вода и добро се сушат со помош на салфетка. Ги редите во едно поголемо тенџере и залевате со 1,5 литар вода, да ги прелие сите батаци. Додавате 1 пилешка коцка за супа и 1 лажичка сол. Ринглата се вклучува на средна кон висока температура.
Во тенџерето може да додадете и неколку ловорови листови за пријатен вкус и 1 помала главица кромид. Кога водата ќе зоврие, на површината на водата се појавува пена која треба да се отстрани. Штом еднаш ќе ја отстраните, нема повторно да почне да се појавува. Тенџерето покријте го со соодветниот капак, намалете ја температурата и оставете да се вари уште 20-тина минути.
Настрана во еден сад ставете го оризот, премиен низ неколку води. Кога ќе го исцедите, врз него прелијте врела, зовриена вода и оставете во неа да се кисне 20 минути. По изминатото време процедете го од водата во која киснел.
Настрана подгответе ја следната запршка: 1 главица кромид ситно се сечка и се става да се пропржи во малку масло. Кога кромидот ќе почне да омекнува, додајте 1 коцка путер. Ставете 1 лажичка доматна паста и додајте сол, црн пипер, лук во прав или гранули и црвена зачинска пиперка и соединете.
Во вака подготвената паста додајте го оризот и пржете на ниска температура неколку минути. Кога оризот ќе добие убава златна боја од пастата, додајте 1 шолја замрзнат зеленчук и фино измешајте до соединување, па тргнете од рингла.
Оризот се распоредува во поголем огноотпорен сад и врз него се редат подготвените батаци. Прелијте со водата во која се вареа батаците, оставајќи тие да испливуваат малку над неа. Батаците се премачкуваат од горната страна со следнава мешавина, која е тајната за нивната сочност:
1 лажичка јогурт соединете со 1 лажичка доматна паста, додајте 1 лажичка масло и малку црвена зачинска пиперка. Соединете, а по желба може да додадете и сол. Батаците се премачкуваат со оваа паста и се ставаат на печење.
Печете во претходно загреана рерна на 190 степени, околу 30 минути. За тоа време подгответе си фина и вкусна салата како прилог: зелката исечкајте ја на ситно, краставичките на ситни коцки, доматите исто, па на крајот и магдоносот.
Во салатата додајте и 1 главица сечкан кромид, а потоа прелијте ја со мешавина од сок од лимон, сол, црн пипер и маслиново масло. Супер ручек за цела фамилија. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.