Протеинските баунти топчиња се исклучително вкусни, а се прават за само неколку минутки. Се приготвуваат од само две состојки и по желба можете да ги потопувате во чоколадо или да ги валате во мелени лешници, кокосово брашно, чоколадни или шарени трошки и слично.
Во овој рецепт не треба да додавате јајца, шеќер или брашно, а главната состојка е кокосот кој е извонредно полезен за здравјето на срцето. Освен тоа изобилува со диетални влакна, па им помага на цревата полесно да се испразнат, а со тоа овозможува и намалување на вишокот килограми.
Втората состојка во овој рецепт мора да ја набавите од продавница за здрава храна или од супермаркет, а станува збор за протеински пудинг во 200-грамска чаша. Ако сакате да си направите домашен протеински пудинг, тогаш рецептот на истиот ќе го најдете веднаш под рецептот за протеинските баунти топчиња.
Еве што ви е потребно за да ги направите протеинските баунти според рецептот на Бојана: 1 чаша протеински пудинг со вкус на ванила (200 г) и 150 г кокосово брашно (по потреба, помалку или повеќе). Еве како се приготвуваат топчињата:
ПОСТАПКА: Во подлабок сад сипете го протеинскиот пудинг и започнете постепено да го додавате кокосовото брашно. Првите 100 грама можете да ги додадете одеднаш, а остатокот додавајте го постепено за утврдите колку точно ќе ви биде потребно. Ова најмногу зависи од тоа колку е ситно кокосовото брашно и колку ќе впие.
Ако смесата биде пресува, тогаш топчињата ќе се ронат и нема да бидат комапктни. Ако сепак ви се случи тоа, само додајте малку млеко, до посакуваната густина. Добро промешајте, па кога смесата ќе се изедначи, црпете со мала лажичка и со дланките обликувате топчиња.
Глазурата може да биде каква што вие сакате, од бело или темно чоколадо, а јас најмногу ја сакам од млечна чоколада со ситно сечкани лешници. Едноставно растопете го чоколадото во микробранова печка или на пареа, па секое топче потопувајте го и оставете го да се исцеди на ситна решетка или врз рамна површина обложена со хартија за печење.
После 10 минути во фрижидер чоколадото ќе биде стегнато и ќе можете да ги послужите. Видеопрезентацијата на Бојана со деталите од постапката погледнете ги ОВДЕ. Ако сакате да направите домашен протеински пудинг, еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за протеински пудинг без шеќер: 500 мл млеко, 1 кесичка пудинг 40 г (вкус по желба, јас овојпат користев од чоколадо), 2 белки, 25 г протеин во прав (од продавница за здрава храна или од аптека), по желба арома од лешник или ванила или рум, 3.6 г стевија (или засладувач по желба)
Стевија е природен засладувач, а се добива од билка која има многу посладок вкус од обичниот шеќер, а притоа има нула калории. Најчесто ја употребуваат дијабетичари и оние кои се кето исхрана. Еве како се приготвува пудингот:
ПОСТАПКА: во тенџере сипете 400 мл млеко и ставете да се вари. Прашокот за пудинг измешајте го со протеинот во прав, стевијата и аромата, па сето соединатете го со 100 мл млеко. Добиената смеса треба да е мазна и да нема грутчиња. Настрана пенасто изматете две белки во цврст снег.
Пред да зоврие млекото, односно пред да се формира пената на површина, додајте го пудингот и матете со миксер неколку минути додека добро да се згусне. Тргнете го тенџерето од оган и додека пудингот е сè уште врел, во него додајте го претходно измиксаниот снег од белки и соединете.
Пудингот може да се јаде топол или ладен, по желба. Ако го готвите со млеко 2.8% мм целата количина има вкупно 583 калории; 45 г протеини, 61 г јагленохидрати, 17 г масти. Ако го приготвите со млеко 0.9% мм, тогаш ќе има вкуспно 498 калории, 45 г протеини, 61 г јагленохидрати и 7.5 г масти.