Овде имам четири одлични креми за обланди. Многу се едноставни, но пред сè се многу вкусни. Се надевам дека ќе ви допаднат. Можете да ги приготвувате за празници, но и за обични денови кога сакате да се засладите. Сите 4 вида креми се доволни за цел коплет обланди, не само за еден лист – Божица.




КРЕМ 1: КРЕМ ОД ПОРТОКАЛ ИЛИ ЛИМОН. Потребни состојки: 40 г брашно, 50 г шеќер, 200 мл млеко, 1 јајце, 250 г маргарин или путер (а секако може и помалку, јас ставам помалку на пример), сок од 2 портокали или 2 лимона, 250 г шеќер




КРЕМ2: МОКА КРЕМ. Потребни состојки: 40 г брашно, 50 г шеќер, 200 мл млеко, 1 јајце, 1 кесичка ванилин шеќер, 250 г шеќер, 250 г маргарин или путер (може и помалку), 15 г ситно мелено пржено кафе




КРЕМ 3: ЧОКОЛАДЕН КРЕМ. Потребни состојки: 4 јајца со средна величина, 250 г шеќер, 4 ребра чоколадо (растопено на пареа или изрендано) и 200 г путер или маргарин




КРЕМ 4: КАКАО КРЕМ. Потребни состојки: 40 г брашно, 50 г шеќер, 200 мл млеко, 1 јајце, 1 кесичка ванилин шеќер, 250 г шеќер, 30 г какао во прав, 250 г маргарин или путер (може и помалку, по вкус)




ПОСТАПКА ЗА ПРИГОТВУВАЊЕ НА КРЕМОТ ОД ЛИМОН ИЛИ ПОРТОКАЛ: Во едно тенџере добро изматете го јајцето со шеќерот, па додајте го брашното и млекото и добро изедначете да нема грутчиња. Ставете на оган и со постојано мешање сварете го кремот додека да згусне, исто како пудинг.




Сварениот крем тргнете го на страна и оставете го да се олади со повремено промешување или покријте го со проѕирна фолија за да не фати коричка. На страна пенасто изматете омекнат путер на собна температура заедно со 250 г шеќер.

Лажица по лажица во него додајте го изладениот крем и соединете ги. На крај во тенок млаз додајте го сокот од портокал или лимон со непрекинато матење. Добро изедначете и филувајте ги обландите.




ПОСТАПКА ЗА ПРИГОТВУВАЊЕ НА МОКА КРЕМОТ (со вкус на кафе): Исто како и за претходниот крем, брашното, шеќерот, млекото, јајцето и ванилин шеќерот добро измешајте ги да нема грутчиња, па ставете на оган и сварете го кремот со непрекинато мешање.




Тргнете го на страна и оставете го да се излади покриено или со повремено промешување за да не фати коричка. Омекнатиот путер на собна температура пенасто изматете го со шеќерот, па додајте му го и кафето во прав. Потоа соединете ги двете смеси и филувајте ги обландите.




ПОСТАПКА ЗА ПРИГОТВУВАЊЕ НА ЧОКОЛАДНИОТ КРЕМ: Јајцата и шеќерот измиксајте ги со миксер, па кога ќе згуснат додајте го и чоколадото. Овој крем најдобро би било да го сварите на пареа (садот ставете го врз тенџере во кое врие вода) и миксајте 15-20- тина минути. Кога смесата е готова оставете ја на страна да се олади. Потоа додајте омекнат путер и заедно се соединува. Филувајте ги обландите.




ПОСТАПКА ЗА ПРИГОТВУВАЊЕ НА КАКАО КРЕМОТ: Брашното, шеќерот, млекото, јајцето и ванилин шеќерот добро изматете ги да нема грутчиња (исто како кај претходните рецепти), па сварете го кремот како пудинг. Кога ќе се олади соединете го претходно пенасто изматен путер со шеќер и какао во прав. Соединете па филувајте ги обландите. Божица / Сооlinarika.com