Оваа торта е толку многу вкусна бидејќи е едноставна, нема комплицирана подготовка и долгочасовно седење во кујната. Со оваа торта не може да згрешите бидејќи е за сечиј вкус. Без печење и долго варење, се подготвува од вкусен крем, сличен на пудинг и неколку бисквити. За да го интензивирате вкусот на тортата, наросете ја со ф’стаци и ситно сечкано чоколадо.
Кремот кој се премачкува преку бисквитите е толку сочен и мек, што може да го користите и за филување на други торти и колачи. Рецептот го имам одамна, а понекогаш со овој крем ги филувам еклерите, наместо со пудинг. Еве што ви е потребно за да ја подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г бисквити (околу 2 пакетчиња). ЗА КРЕМОТ: 4 средни јајца, 160 г шеќер, 140 г брашно, 1 литар млеко, малку кора од лимон. И уште: 100 мл вода или млеко, 100 мл кафе (инстант). За декорација: ситно сечкани ф’стаци или лешници, сечкана чоколада.
ПОСТАПКА: Во поголемо тенџере сипете 1 литар млеко. Вклучете ја ринглата на средна температура и почекајте млекото да се загрее. Кога ќе стане млако, додајте неколку тенки парчиња кора од лимон, кои претходно треба да бидат истретирани со вода и сода бикарбона.
Во меѓувреме во еден подлабок сад скршете ги јајцата и додајте 160 г шеќер. Изматете енергично со жица или маталка, додека шеќерот да се растопи. Потоа, додајте 140 г брашно и соединете во еднолична смеса, без грутчиња, со погуста конзистентност.
Кога млекото ќе достигне температура нешто пред вриење, внимателно извадете ги парчиња од лимон и излејте ја смесата од јајца, шеќер и брашно. Со константно мешање гответе додека да добиете густ крем, како пудинг. Пудингот е потребно да го готвите на средна температура за да не ви загори.
Оставете го пудингот настрана малку да се олади, а во помал сад измешајте 100 мл млака вода или млеко со 100 мл инстант кафе (јас користев нескафе). Во оваа течност се натопуваат бисквитите за колачот. Подгответе си една тенка, правоаголна чинија и наредете го првиот слој од бисквитите како основа.
Јас редев по 12 бисквити за секој слој, а вкупно тортата се состоеше од 5 слоеви. Тортата може да ја правите поголема или помала, како што преферирате. На овој начин, како што ја подготвував јас, излегува со средна големина. Исто така, може да користите обични бели или чоколадни бисквити.
РЕДЕЊЕ: Наредете еден ред потопени бисквити, премачкајте внимателно со еден слој од кремот, потоа наредете повторно бисквити, па повторно премачкајте со кремот. На вториот слој наросете ситно сечкани ф’стаци или други јатки и рендано или ситно сечкано чоколадо.
Продолжете со редење на истиот начин додека да ја потрошите целата количина од крем и бисквити. После секое наредно премачкување од кремот наросете со ф’стаци и чоколадо. Тортата треба да отстои минимум 1 час во фрижидер пред послужување. Деталите погледнете ги ОВДЕ. Рецепт за брза ПЛАЗМА ТОРТА ЗА 15 МИН без печење, прочитајте ОВДЕ.