Овој куглоф секогаш добива пофални зборови бидејќи е поразличен од сите останати рецепти. Во него нема чоколадо, ниту ванилин крем, напротив се прави од суво овошје, а има вкус на познатите чајни колачи. Многу е вкусен, особено ако се послужи со некој топол напиток како шолја кафе или вашиот омилен чај.
Сѐ што треба да направите е да го подготвите сувото овошје, а потоа да ги измешате состојките за базата. Прво се ставаат течните, а потоа се додаваат сувите состојки. Следете ја постапката и додавајте ги состојките редоследно, па куглофот ќе ви излезе перфектен. Еве што ви е потребно за да го направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г суви кајсии, 100 г ореви, 3 јајца, 100 г шеќер, 100 г јогурт, 70 мл млеко, 100 мл масло, 250 г брашно, 7 г сув квасец или 1 кесичка, 5 г ванилин шеќер (половина кесичка), 1 јаболко. И УШТЕ: 100 г шеќер во прав, 3-4 големи лажици лимонов сок, 30-50 г ситно сечкани бадеми за декорација.
ПОСТАПКА: Сувите кајсии ставете го во сад со вода да отстојат 10 минути, додека да набубрат. Оревите пропржете ги во нелепливо тавче сосем кратко додека да ја пуштат својата арома, па ситно исечкајте ги на мали парчиња. Во еден подлабок сад скршете три јајца.
Изматете ги јајцата со миксер и додајте прстофат сол. Кога ќе станат пенасти и ќе го зголемат својот волумен, додајте го шеќерот и продолжете да ја матите смесата додека шеќерот да се растопи и да се добие кремаста смеса. Потоа, постепено додавајте го јогуртот, млекото и маслото.
Продолжете да ги матите сите состојки до изедначување на смесата која треба да биде течна како за палачинки. Низ сито, просејте го брашното измешано со квасецот и ванилиниот шеќер. Сега, измешајте ја смесата со шпатула додека да се соедини и да стане хомогена, без грутчиња. Смесата треба да биде малку погуста заради брашното.
Во смесата додајте ги сувите кајсии кои претходно сте ги исекле на 4 или 5 пати, заедно со оревите. Јаболкото излупете го, од него извадете ги дршката и семките и исечкајте го на коцки и додајте го во смесата со останатите состојки, па сѐ заедно соединете.
Смесата се прелива во специјален сад за печење на куглоф (намастен и набрашнет) и добро се израмнува. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 40 минути, во зависност од јачината на рерната. Во меѓувреме направете бел прелив/глазура со мешање на шеќерот во прав и лимоновиот сок.
Лимоновиот сок постепено додавајте го во шеќерот во прав постојано мешајќи додека да добиете густа, полутечна, аморфна смеса. Оваа млечно-бела течност се прелива врз куглофот откога колачот ќе излади. Додека глазурата не е уште стегната, на неа наросете тенко сечкани бадеми. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.