Овој колач со кокос е еден од омилените колачи. Многу потсетува на популарниот „баунти“, но е уште повкусен. Сочен и мек како пена, а бисквитот има текстура како да е залиен со сируп. Не го пропуштајте овој колач кој е евтин да се направи, а се јаде за секунда. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ (РЕЦЕПТ 1): 1 литар млеко, 7 лажици гриз, 7 лажици шеќер, 2 ванилин шеќер, 200 г кокос. СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 2 белки, 100 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 2 жолчки, 100 мл масло, 200 мл млеко, 200 г брашно, 1 прашок за печиво, 2 лажици какао
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (РЕЦЕПТ 2): 100 г кокос, 200 мл вода, 6 јајца, 150 г шеќер, 250 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво. ЗА ПРЕЛИВ: 100 г бело или црно чоколадо, за наросување одозгора малку кокос, 300 мл млеко. Се користи плех со димензии 33х25 см
ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Филот го подготвуваме со варење на млекото, каде се додаваат останатите состојки. Во тенџере сипете 1 литар млеко и ставете на среден кон тивок оган да зоврие. Сувите состојки подгответе си ги однапред за млекото кога ќе зоврие веднаш да ги додадете.
Во зовриеното млеко додајте 7 лажици гриз, кратко промешајте, а доколку млекото почне силно да врие со меурчиња, тргнете го од оган, па повторно вратете го и намалете ја температурата на ринглата. Измешајте гризот да се соедини, па додајте 7 лажици шеќер и 2 кесички ванилин шеќер.
На крајот се додава кокосот и сѐ заедно се вари до соединување во густ крем. Потребно е целата течност да се впие во сувите состојки. За бисквитот е потребно да измиксате 2 белки со 100 г шеќер, додека да се формира пенаста и цврста структура.
Потоа, додајте го ванилиниот шеќер, кратко изматете, па додајте ги жолчките една по една, додека непрекинато матите со миксерот. Прелијте со 100 мл масло во тенок млаз, па кога ќе го соедините сипете 120 мл млеко. На крајот се додава брашното, прашокот за печиво и какаото и се соединува во еднолична смеса.
Вака подготвената смеса поделете ја на два еднакви делови. Подгответе си плех за печење со средна големина, намастен и набрашнет. Излејте ја првата смеса и рамномерно распоредете ја, па печете го колачот 5 минути на 180 степени додека да фати коричка.
Извадете од рерна и прелијте го белиот фил, израмнете, па врз него сипете ја преостанатата кафеава смеса. Продолжете со печење уште 20 минути на истата температура. Пред послужување колачот се наросува со какао или кокос.
ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во еден сад попарете 100 г кокос со 200 мл врела вода. Промешајте и оставете да излади. За тоа време одвојте ги белките од жолчките. Прво изматете ги пенасто белките со постепено додавање на 150 г шеќер. Миксајте додека да добиете цврст снег, а шеќерот да се истопи.
Во снегот од белки започнете да ги додавате една по една жолчките. Матете додека убаво да се соедини. Во смесата од јајца додајте просеано 250 г брашно и една лажичка прашок за печиво. Внимателно промешајте со лажица или жица за матење за да остане смесата воздушеста.
Потоа, додајте го и натопениот и набубрен кокос и уште еднаш промешајте. Плех со димензии 33х25 см (може и малку поголем плех, колачот ќе биде понизок), многу малку намачкајте го со маслом а потоа и набрашнете го, па излејте ја смесата и рамномерно распоредете.
Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 35 минути. Ако користите поголем плех, тогаш печењето е пократко. За прелив: Во 300 мл млеко ставете 100 г бело чоколадо, па загрејте на многу тивок оган додека да се растопи чоколадото. Оставете го малку да излади.
Печениот колач додека е топол прелијте го со изладениот прелив и почекајте да се впие. Одозгора наросете со кокос, па можете да сечете и послужите. Деталите за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ, а за вториот рецепт ОВДЕ.