Ова е всушност верзија на Бостонската крем торта која им е омилена на сите што ја пробале. Кората на тортата е многу мека и сунѓереста, а кремот е свиленкаст и многу вкусен. Препорачувам сите да ја направите во следната пригода, ќе бидете воодушевени. Чоколадна торта која се топи во уста.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ за кора: 4 јајца, 1 прстофат сол, 100 г шеќер; 80 г шеќер, 100 г вода, 130 г брашно, 2-3 лажици какао во прав, 1 лажичка прашок за печиво, 1 лажичка ванилин шеќер, калап за торти 20-22 см (се пече 35 минути на 180 степени, а кората се сече на два половини), 100 мл млеко и 1 лажичка шеќер во прав за натопување на корите.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КРЕМ: 2 јајца, 60 г шеќер, 10 г ванилин шеќер, 100 г кондензирано млеко, 3 супени лажици брашно, 250 мл млеко, 250 г путер. За глазура: 3 лажици шеќер, 3 лажици какао во прав, 3 лажици кисела павлака или крем сирење, 50 г путер




ПОСТАПКА: Најпрво одделете ги белките од жолчките во посебни садови. Белките пенасто изматете ги со прстофат сол и постепено додајте 100 г шеќер додека непрекинато матоите со миксерот. Треба да добиете цврст снег од белки кој не паѓа од лажица.




Во жолчките додајте 80 г шеќер, па и нив пенасто изматете ги додека шеќерот да се растопи и да добиете густ светол крем. Потоа постепено во тенок млаз додајте 100 мл вода на собна температура. Оваа смеса постепено додавајте ја во цврстиот снег од белки. Мешајте со жица-маталка или лажица/шпатула, внимателно, да остане смесата воздушеста.




Во посебен сад просејте 130 г брашно и 2-3 супени лажици какао во прав. Додајте и по една лажичка прашок за печиво и ванилин шеќер. Сувите состојки започнете постепено да ги додавате во течните. Мешајте додека да добиете хомогена смеса.




Калап за торти (20-22 см) обложете го со хартија за печење на дното и страните, па излејте ја смесата и израмнете. Потчукнете го калапот да излезат евентуалните воздушни меурчиња, па ставете да се пече во претходно загреанат рерна на 180 степени околу 35 минути (проверете со чепкалка).




Печената кора оставете ја да излади, па отстранете ја хартијата и пресечете ја на две потенки кори (доколку сакате, можете и посебно да ги печете со тоа што времето на печење ќе биде пократко). Најпрво со нож засечете ја од сите страни, а потоа со рибарски конец (или за заби) провлечете низ кората (погледни видео).

Во 100 мл млеко додајте една лажичка шеќер во прав и промешајте. Со ова млеко рамномерно потопете ги двете кори за да бидат сочни.




ЗА ФИЛ: Во едно длабоко тенџере скршете две јајца, додајте 60 г шеќер, 10 г ванилин шеќер (една кесичка), 100 мл кондензирано млеко, 3 супени лажици брашно, па убаво промешајте со жица маталка додека да се соединат состојките да нема грутчиња. Во смесата додајте и 250 мл млеко.




Ставете на оган и варете ја смесата на умерена температура со постојано мешање додека да згусне (исто како пудинг). Добиениот крем претурете го во посебен сад и оставете го да излади со повремено промешување. Потоа додајте 250 г омекнат путер и заедно изматете ги со миксер додека да се соединат.




РЕДЕЊЕ: Во калапот ставете една кора, распоредете го приготвениот фил и поклопете со втората кора. Покријте ја со фолија и оставете ја во фрижидер на ладење најмалку 6 часа. Потоа извадете ја и прелијте ја со чоколадна глазура.

За глазура: во помало тенџере ставете по 3 лажици шеќер, какао и крем сирење или кисела павлака . Промешајте додека да се изедначат состојките, па додајте 50 г путер и загревајте на тивок оган додека да се растопи смесата. Со глазурата прелијте ја тортата и оставете да се стегне. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.