Рецепт и видео презентација на “Шерпица” – “Лења пита од спанаќ и сирење”. Оваа пита е евтина и се приготвува многу брзо. Нема да ви одземе многу време, а толку многу е вкусна што ќе ја приготвувате многу често, за појадок, вечера, па дури и за главно јадење.
Може да ја приготвувате со било каков фил по ваша желба: спанаќ и сирење, динстано месо и кромид, динстан компир, кромид, моркови…со сувомеснато, па дур и со “пица” фил, кечап и измешани состојки со кои вообичаено се филува пицата. Оваа пита е многу мека и многу вкусна.
За да ја приготвите оваа вкусна пита ќе ви бидат потребни следните состојки: 4 јајца, 100 мл масло, 400 мл јогурт, 2 лажички сол, 7 лажици пченкарно брашно ( или бело или жолто), 7 лажици обично бело (меко) брашно и една кесичка прашок за печиво од 10 грама.
Како предлог за фил овојпат се одлучивме за спанаќ и сирење. За овој фил ќе ви бидат потребни следните состојки: 300 г ситно сирење за пити или по желба, 350 г свеж спанаќ претходно исчистен (или замрзнат) и малку сол, во зависност од тоа колку е солено сирењето.
Постапка: Јајцата пенасто изматете ги со електричен миксер (нема потреба да се одвојуваат белките од жолчките), па кога ќе добијат кремозна структура, кога ќе побелат и згуснат, во нив додадете 100 мл масло и 400 мл јогурт на собна температура.
Потоа додадете две лажички сол, седум лажици пченкарно бело брашно (или жолто, тоа не е палента, туку фино мелено брашно) и 7 лажици бело меко брашно. на крај додадете една кесичка прашок за печиво (10 г). Смесата изматете ја со миксер со помала брзина.
За фил: спанаќот убаво исчистете го и измијте го со ладна вода. Ситно исечкајте го, нема потреба да го бланширате или готвите, а може да искористите и замрзнат спанаќ доколку имате. Потоа во длабок сад издробете го сирењето на поситни и покрупни парчиња, како сакате.
Сирењето посолете го по вкус доколку не е солен и по желба може да измешате два или повеќе видови сирење (во мојот случај имав домашно кое не беше доволно кисело, па додадов и едно парче фета сирење). Додадете го ситно исечканиот спанаќ и промешајте.
Во смесата од спанаќ и сирење може да додадете и едно рендано покрупно чешне лук или малку лук во прав со покрупна гранулација. Ова му дава посебен вкус на спанаќот. Земете една тркалезна тепсија со димензии 30 см или четириаголен плех со димензии 25 х 25 см.
Добро намастете ја тепсијата со масло и наросете ја со брашно, па вишокот истресете го. По желба можете и да ја обложите со хартија за печење. Излејте половина од приготвеното тесто, рамномерно распоредете и израмнете па ставете да се пече околу 10 минути во претходно загреана рерна на 200 степени.
Може и веднаш да се стави целата пита да се пече, половина од тестото, па филот, па втората половина од тестото, но доколку се пече прво првата кора, тогаш многу подобро се двојат корите и филот и според мене вака ми е многу поубава питата. Вие како сакате, така печете ја.
После 10 минути извадете ја тепсијата од рерна. можете да забележите дека кората фатила мала коричка, доволна за да може врз неа да се нанесе филот. Распорете го рамномерно претходно приготвениот фил од спанаќ и сирење и убаво израмнете преку целата површина.
Врз филот излејте го остатокот од тестото, израмнете и вратете ја питата во загреана рерна за да се допече на 200 степени, уште 30-35 минути. Севкупното време за печење е 40-45 минути, но сепак тоа зависи и од вашата рерна, па доколку има потреба, прилагодете го печењето.
Печената пита извадете ја од рерна и оставете ја малку покриена со крпа за да подизлади, а потоа можете да ја сечете и да ја послужите. Совршено одговара со чаша јогурт или кисело млеко или нешто друго по желба. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.